Облека шијат една третина помалку работници отколку пред четири години
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија и сопственик во светиниколската „Мода“ вели дека додека трае војната во Украина, текстилната индустрија кај нас само ќе тоне.
Во октомври бројот на работници во секторот производство на облека се намалил за една третина, а во производство на текстил за 8,2 проценти споредено со просекот од 2021 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Текстилниот сектор незапирливо се топи, потврдуваат текстилните компании. По затворањето на неколку фабрики во септември, засега нема информации за клуч на врата на нови капацитети, но има отпуштање работници затоа што се намалува бројот на нарачките.
Препорачано
Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија и сопственик во светиниколската „Мода“, вели дека додека трае војната во Украина, текстилната индустрија кај нас само ќе тоне.
– Наш најголем партнер и во текстилниот сектор е Германија. Неодамна бев таму и она што постојано може да се слушне на телевизија е дека им препорачуваат да имаат залихи на храна и на вода, постојано се одржуваат скривниците во кондиција. Во една таква психоза кому му е до облека! – коментира Димитров во изјава за „Слободен печат“.
Тој вели дека и поради цената на трудот, веќе подолго време не сме атрактивни за текстилниот сектор, па и дека некои од компаниите веќе си ги преселиле погоните.
– Еве и германската компанија која е доминантен сопственик во нашата компанија, си отвори фабрика во Бангладеш. Јас не велам дека овде платите се високи, но велам дека сè уште има многу ниски плати на Блискиот Исток и со оглед на тоа што текстилниот сектор е трудоинтензивна гранка, тоа е она што ги интересира – вели Димитров.
Според статистичките податоци, во октомври просечната нето-плата во дејноста производство на облека била 30.094 денари, а во производство на текстил изнесувала 43.333 денари.
Вкупните приходи на текстилниот сектор лани биле 179,7 милиони евра и се пониски во однос на 2023 година, кога биле 186,6 милиони евра, покажува анализата на Пари во соработка со Бизнис мрежа. Секторот за една година загубил промет од 6,9 милиони евра и покрај тоа што некои компании веројатно успеале да добијат и повисоки цени за договореното производство. Нето-добивката што ја оствариле овие компании во 2024 година била безмалку 10 милиони евра, што е помалку отколку во 2023 година кога таа била 12,5 милиони евра. Или, лани во однос на преклани, компаниите од текстилниот сектор направиле помал профит за 2,5 милиони евра.
Најголем промет лани направила прилепската „Комфи ангел“ – 47,1 милион евра, а добивката ѝ изнесувала 1,9 милиони евра. Компанијата е специјализирана за производство на перници, јоргани, прекривки, заштитници за јоги, вреќи за спиење. Шампион по добивка во текстилниот сектор е „Техникал текстајлс“ ‒ Штип со направен профит од дури 4,2 милиони евра. Оваа компанија има приход од 21,6 милиони евра. Компанијата е производител на компоненти на фиберглас што имаат примена во градежната, авионската и автомобилската индустрија.
Текстилната индустрија во Македонија претежно е со шифра производство на текстил и производи од текстил. Изградбата на некој бренд на облека е она за што со години се зборуваше дека ни недостига. Многу малку фирми има што не работат „лон“, односно со материјали и теркови од странство, што значи дека тука се само шивалници.
– Такви фирми имаме малку, но не ги чуваме. Многу ме боли сознанието дека штипската фирма „Ник текс“ мора да се затвори. Сами произведуваат ХТЗ-опрема, сами создаваат бренд, а банките не им одобриле кредит затоа што текстилната индустрија била ризична. Од каде, пак, сега тоа! Фирмата вработува 40-ина работници, има капитал од 450.000 евра, а барала кредит од 80.000 евра со кои би била спасена. Кредит ќе дадат на некое кафуле, а не на домашна текстилна компанија! – изјави Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ за „Слободен печат“.
Пред десетина години со многу ниска цена на работната рака во Македонија се случи експанзија на текстилната индустрија. Мрежата за унапредување на условите за работа „Кампања за чиста облека“ во 2014 објави една опсежна анализа наведувајќи дека работниците од Македонија, Бугарија и од Романија во 2013 година имале пониска минимална плата и од кинеската.


