ВИДЕО: Објавен нов јавен повик од ИПАРД 2, над пет милиони евра инвестициски фонд за проекти преку мерката 3

Љупчо Николовски / Фото: Скриншот

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (АФПЗРР) денеска го објавија новиот повик за мерка 3 од ИПАРД 2 програмата. Од утре па се до наредните 45 дена, односно до 6 септември годинава заинтересираните апликанти ќе можат да аплицираат за средства од оваа мерка.

Овие средства се наменети за поддршка на проекти кои предвидуваат инвестиции за преработка и производство на млеко и млечни производи, месо и месни производи, овошје и зеленчук, преработка на житарици, производство на мелнички продукти, растителни производи и масла маснотии од животни и производство на вино. Финансиската поддршка по поединечно барање се доделува како неповратна финансиска поддршка, односно грант во износ од 50 проценти од средствата на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешната прес-конференција информира дека финансиската поддршка за овој повик изнесува вкупно 5.280.568 евра средства на европските граѓани кои што ќе бидат инвестирани во македонското земјоделство. Посочи дека заедно со инвестициските средства на корисниците кои што ќе аплицираат и кои што ќе ги добијат овие грантови ова значи над 10 милиони евра нови средства за инвестиции и модернизација на македонското земјоделство.

– Горди сме што Република Северна Македонија стана земја лидер во целиот регион по искористеност на ИПАРД на која што можат да и завидат многу други земји кои што преговараат, но и многу земји кои што се веќе членки на Европската унија. Зошто? Заради тоа што имаме 97 проценти искористеност на овие неповратни средства во ИПАРД 2 програмата по последните пет години. Од околу 15 проценти во претходниот период стасавме до 97 проценти на искористеност во ИПАРД 2 програмата, рече Николовски.

Министерот информира дека од Европската Унија за следната ИПАРД 3 програма добииле 97 милиони евра неповратни средства.

– Вкупниот инвестициски циклус во македонското земјоделство само во ИПАРД 3 програмата која што следи во наредниот период ќе изнесува вкупно 210 милиони евра, од кои 97 милиони евра од Европската Унија како грант заедно со кофинансирањето од Владата и МЗШВ во износ од 30 милиони евра. Набавка на модерна земјоделска механизација, опрема за производство и преработка со највисоки технологии, изградба или проширување на производствените капацитети, како и поддршка за туризмот и руралниот развој се само дел од проектите кои се поддржуваат во рамки на ИПАРД програмата, рече тој.

Директорот на АФПЗРР, Никица Бачовски истакна дека сите заинтересирани апликанти ќе може да аплицираат со проекти за машини и опрема за производство и преработка, како и проекти кои предвидуваат поставување односно инсталирање на фотонапонски панели за производство на енергија од сопствени потреби.

– Прифатливи корисници се сите правни лица кои влегуваат во рангот на микро, мали или средни претпријатија. Финансиските средства по поединечен корисник се доделуваат како неповратна финансиска поддршка односно грант во висина до 50 проценти од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестицијата. Сите потребни обрасци, упатства може да се преземат од веб страницата на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ipardpa.gov.mk, рече Бачовски.

Информира дека од 2017 година до денеска во склоп на ИПАРД 2 програмата се објавени три јавни повици за мерката за поддршка на инвестиции за преработка и маркетинг.

– Како резултат на спроведувањето на овие повици склучени се 118 договори за финансиска поддршка. Од нив до сега целосно реализирани и исплатени се 92 проекти за кои е исплатена финансиска поддршка во вредност од скоро 13 милиони евра. Со искористувањето на европскиот фонд за земјоделство и рурален развој и конкретно мерката три сведочиме на изградба и модернизација на многу преработувачки капацитети, винарии, млекари ,кланици и останати капацитети што резултира со конкурентно домашно производство и лансирање на македонски преработки од растително и животинско потекло на домашните и странските пазари, рече директорот Вачовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот