Насловна корица на книгата „Критиката за творештвото на Васко Ташковски“ / Васко Ташковски

Обемна книга со критички одгласи за творештвото на академик Васко Ташковски е објавена од „Матица македонска“

Книгоиздателството „Матица македонска“ ја објави книгата „Критиката за творештвото на Васко Ташковски“ – издание со најобемен корпус на критички одгласи и оцени за делата на македонски сликар. Уредник и автор на предговорот на книгата е истакнатиот поет, антологичар, есеист, книжевен критичар и преведувач Раде Силјан, којшто изминативе децении се истакнува и како еден од најголемите афирматори на вредностите на македонското сликарство.

На повеќе од 300 страници, поместени се избрани критички одгласи што го следат развојот на творечкиот пат на водечкиот претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, со широка афирмација на Балканот, во Европа и во светот за која говорат и текстовите на странската критика, како и библиографските единици за присутноста и интересот за неговото творештво и надвор од нашите граници.

Поконкретно, текстовите во изданието се подредени хронолошки – од првиот осврт за првата самостојна изложба на академскиот сликар Васко Ташковски како војник во Шибеник во 1965 година, преку критиката на Глигор Чемерски од 1969 година до критичките одгласи од 2021 година кога академик Ташковски, со неговата потрага по рамнотежа меѓу земјата и небото се вреднува како Шагал на модерните времиња…

Едновремено, изборот од огромниот број критички одгласи овозможува увид и во широката лепеза интелектуалци што се искажале за вредностите на творештвото на Ташковски – ликовни уметници, ликовни критичари и историчари на уметност, филозофи, естетичари, книжевници, публицисти, новинари, академици… А тоа дополнително упатува за значајното место што Ташковски го има во современата македонска култура, при што за неговото творештво се искажале и сите личности – стожерни чинители на развојот на македонската култура во последната половина век.

Во предговорот на Силјан, детално се елаборирани развојните фази на творештвото на Ташковски, при што за првпат на таков начин е издвоено есенцијалното од: критичките одгласи за неговото творештво, неговите лични искажувања и личната рецепција на творештвото на сликарот од страна на уредникот на изданието.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 311, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 13-14.12.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот