Рекорден број на мигранти во Велика Британија/Фото: Gareth Fuller / PA Images / Profimedia

Британија ќе депортира мигранти во Ангола и Намибија, им се закани со санкции на земјите што „не соработуваат“

Ангола и Намибија се согласија да го прифатат враќањето на нелегални мигранти и криминалци, откако британската Влада се закани дека ќе воведе визни санкции за земјите што одбиваат да соработуваат, објави британското Министерство за внатрешни работи, пренесува Ројтерс.

Во соопштението се наведува и дека на Демократската Република Конго ѝ е прекината забрзаната постапка за добивање визи, како и преференцијалниот третман за службениците и лицата што донесуваат одлуки, поради неисполнување на барањата на Лондон во врска со „подобрувањето на соработката“, објавија британските медиуми.

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд предупреди дека Велика Британија би можела дополнително да ги заостри мерките, вклучително и целосно суспендирање на издавањето визи за ДР Конго, доколку соработката „не се подобри итно“.

„Очекуваме земјите да ги почитуваат правилата. Доколку нивниот граѓанин нема право да остане тука, тие мора да го примат назад“, нагласи Махмуд.

Постигнатите договори претставуваат прва значајна промена во рамките на реформите објавени минатиот месец, кои предвидуваат привремен статус на бегалци и забрзување на депортациите на луѓе што нелегално влегуваат во Велика Британија, проценуваат британските медиуми.

На почетокот на месецов, угледниот лондонски весник „Тајмс“ објави дека македонските власти формално влегле во преговори со владата на Британија земјава да прима баратели на азил кои се одбиени од Обединетото Кралство. Според сторијата на „Тајмс“, се преговарало мигрантите да не бидат затворени во прифатни центри, туку слободни да бираат дали ќе бараат азил во Македонија и ќе живеат и работат во земјава.

Владата дома ова одлучно го негираше – премиерот Христијан Мицкоски, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова, министерот за надворешни работи и други министри и вицепремиери, пратеници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ… се ангажираа со денови за да објаснуваат дека за таква идеја воопшто не се разговарало. Иако тврдеа (и тврдат) дека тоа што пишува во текстот на „Тајмс“ не е вистина, но до денес, 23 дена откако беше објавен, нашите власти не испратија демант до влијателниот лондонски медиум.

Шефицата на британската дипломатија, Ивет Купер, денеска изјави дека земјата од од јули 2024-тата година депортирала повеќе од 50.000 луѓе без право на престој, што е зголемување од 23 проценти во однос на претходниот период, додавајќи дека на дипломатите им било кажано „враќањето (на мигрантите) да им биде врвен приоритет“.

Николоски во Лондон го потпиша најголемото задолжување во независна Македонија

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот