Ново обвинение за Боб Менендез, овојпат дека во САД делувал како агент на странска држава

Боб Менендез / Фото EPA-EFE/Eduardo Munoz Alvarez

Боб Менендез, американски сенатор од Њу Џерси, демократ, синоќа беше повторно обвинет за примање мито од странска држава и заговарал активности како странски агент, се дознава од новата тужба.

Со новото обвинение уште повеќе се комплицираат неговите законски можности за одбрана и му се заканува казна затвор од повеќе години.

Тужбата поднесено од федерална голема порота во Менхетен наведува дека тој „обезбедувал осетливи информации на американската влада и извршил други постапки за тајна помош на владата на Египет“.

За тоа што не се регистрирал како агент на странска држава Менендез се соочува со казна затвор до две години.

Во изјава синоќа тој ги отфрли новите тужби. Рече дека работел во служба на човековите права и демократијата во Египет, „и ги предизвикував лидерите на таа земја, како претседателот Ел-Сиси“.

Тој изјави дека бара прилика за одбрана и да покаже дека е невин.

Менендез и неговата сопруга Надин, минатиот месец се изјаснија за невини по обвиненија за корупција според кои нивното влијание во Вашингтон го продавале за стотици илјади долари плус други предмети и злато.

Во случајот обвинети се уште тројца бизнисмени и службеници поврзани со Египет кои исто така се изјаснија за невини.

Сенаторот Џон Фетерман, демократ од Пенсилванија беше првиот кој веднаш по првата тужба повика Менендез да си даде оставка. Бидејќи обвинетиот сенатор не си даде оставка, синоќа тој предложи Сенатот да гласа за негово отстранување од горниот дом на американскиот Конгрес.

-Не смееме да имаме наводен странски агент во Сенатот на САД. Време е секој од моите колеги да ми се приклучи во отстранување на Менендез, изјави Фетерман.

За ова ќе бидат потребни две третини од гласовите на целиот состав на Сенатот.

Повиците да си даде оставка и поддршката за вакво гласање доаѓаат и десеттина други демократски првенци.

Менендез и претходно, во 2018 година, во друг случај, беше обвинет за корупција, но судот тогаш ја отфрли тужбата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот