Новите плочки на кејот испукаа уште додека трае реконструкцијата

Дел од новите плочки со кои се поплочува Кеј 13 Ноември веќе се испукани, иако реконструкцијата на овој простор, која како што соопштија градските власти ќе чини 1,5 милиони евра, уште не е ни завршена. Станува збор за розовите плочки поставени помеѓу двата дрвореда на потегот од „Холидеј ин“ до кафулињата на кејот.

За што станува збор, дали за неквалитетна изведба или за неквалитетен материјал, не добивме одговор од Град Скопје, но како што тврдат оттаму, постои надзор над градежните работи со кој ќе се евидентираат евентуалните проблеми.

-Во моментов сѐ уште се одвиваат градежните активности и секако дека постои и надзор што го евидентира целиот процес. Доколку при примопредавањето, од страна на надзорот се утврдат било какви недостатоци (вклучувајќи ги тука и скршените плочки) и проектот не е изработен како што треба, секако дека истиот нема да биде примен од наша страна – велат од Град Скопје.

Оттаму не објаснуваат што ќе се преземе тогаш откако работите ќе бидат завршени и зошто испуканите  плочки веднаш не се заменуваат.

-Ако се вакви плочките кога е уште недоправено, тогаш на што ќе личи кејот после неколку години? – реагира еден скопјанец, кој ни укажа на постојната состојба.

Неодамна при изведба на жардиниерите околу дрвјата на кејот, неколку стебла беа бетонирани, по што реагираа граѓани и невладини организации, па екипи на Град Скопје веднаш интервенираа и ги ослободија дрвјата. Притоа Градот соопшти дека тоа се случило по грешка на изведувачот „СпекарТермо“, за што потоа на фирмата ѝ беше одредена казна од 1.800 евра.

Во тој случај Градот изрази благодарност до граѓаните и до невладините организации за алармирањето за грешката на изведувачот, што овозможило брза реакција на градските служби. Останува да се види дали Градот брзо ќе реагира и во случајот со скршените плочки.

Реконструкцијата и изградба на новото шеталиште на Кеј 13 Ноември е во тек и според Град Скопје се одвива според предвидената динамика. Со реконструкцијата е опфатено целосно ново поплочување, патека за лицата со инвалидитет, високо зеленило – дрворед, поставување клупи, паметни клупи, корпи за џебен отпад, нови жардиниери за дрворедот, канделабри, рефлектори за осветлување и нови бетонски и електрични столбови заради реализација на забраната за паркирање и движење по кејот „13 Ноември“. На новиот кеј ќе биде ослободено повеќе место за велосипедистите и пешаците преку целосно спречување на можноста за нелегално паркирање на овој простор и сериозно ограничување на протокот на возила.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот