Фотографија на Арбнора Мемети

Новински фотографии на 30 млади фотографи од Западен Балкан ќе бидат претставени во „Мала станица“

Триесет млади фотографи (18-30 години) од целиот Западен Балкан се собрани на фотоизложбата „Стигнавме ли веќе: Кои се патоказите кон ЕУ?“, која покажува како младата генерација ја гледа идејата за Европа денес, поставува прашања и се поврзува со неа. Отворањето на изложбата ќе се одржи на 6 ноември, во 19 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“.

Создадена преку истоимениот регионален проект, инициран од амбасадите на Кралството Холандија во Западен Балкан, оваа изложба директно се осврнува на дезинформациите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Додека Западниот Балкан се насочува кон членство во ЕУ, младите луѓе во регионот се соочуваат со спротивни наративи, дезинформации и стереотипи кои често ја замаглуваат вистинската реалност кон пристапувањето во ЕУ.

Преку автентично визуелно раскажување приказни, овие триесет фотографи се спротивставуваат на лажните наративи и презентираат вистински гледишта за тоа што значи европската интеграција за нивните заедници, нивниот секојдневен живот и нивната иднина. Изложбата содржи визуелни приказни кои ја одразуваат различноста, креативноста и критичката свест на новата генерација.

Изложбата ќе биде отворена на 6 ноември во Мултимедијалниот центар „Мала станица“

Учесниците на изложбата беа избрани од стручно жири врз основа на јавен повик – по пет фотографи од секоја земја. Овие триесет избрани фотографи учествуваа на онлајн мастер работилница со холандската фотографка Илви Њиокиктјен, а на оваа изложба е претставен резултатот од нивната работа.

Македонија на изложбата ја претставуваат авторите: Арбнора Мемети, Ана Ѓорѓиевска, Иво Велчевски, Каја Тасевска и Филип Лафазановски.

Од секоја од шесте земји учеснички ќе биде избран по еден победник кој во мај следната година ќе има привилегија да престојува во Амстердам во текот на неделата на објавување на победниците на најголемиот светски натпревар за новинска фотографија „World Press Photo“.

Изложбата ќе биде претставена во сите шест земји учеснички. Отворањето во Скопје е на 6 ноември, кога ќе биде објавен победникот од Македонија што ќе патува во Амстердам на „World Press Photo“. Проектот е организиран од Амбасадата на Кралството Холандија во соработка со Македонскиот центар за фотографија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот