Новинарка на „Топ чанел“ нападната додека известувала од барикадите во Косово

Фото: Јутјуб/Косово Онлајн / принтскрин

Мрежата „Безбедни новинари”, која ги опфаќа новинарските здруженија од регионот, денеска објави дека новинарката на албанската телевизија Топ чанел, Леонита Бајрами, била нападната со пиротехничко средство додека известувала од барикада во северниот дел на Косовска Митровица.

Според мрежата, инцидентот се случил во вторникот на 27 декември за време на директниот пренос на утринската програма на оваа албанска телевизија.

Се додава дека ова е шести напад врз новинари на северот на Косово во текот на декември и дека Здружението на косовските новинари постојано апелирало до КФОР и ЕУЛЕКС „повеќе да се вклучат во гарантирањето на физичката безбедност на новинарите”.

„Ги повикуваме одговорните институции да ги расветлат сите случаи на напади врз новинари кои се случуваат на Косово, бидејќи секој случај кој поминува неказнето води до повеќе злосторства врз новинарите, се наведува во соопштението на „Безбедни новинари”.

Тие најавија дека за овие напади ќе ги информираат „релевантните национални и меѓународни заинтересирани страни”.

Мрежата „Безбедни новинари” ја сочинуваат Независното здружение на новинари на Србија, Здружението на новинари на Македонија, Синдикатот на медиуми на Црна Гора, Здружението на новинари од БиХ, Хрватското новинарско здруѓение и Здружението на новинари на Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот