Нови факти за творештвото на Григор Прличев во монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“

Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ на традиционалната манифестација „Прличеви беседи“ ја промовираше монографијата „Прличеви беседи – хроника на еден културен настан“ (1952-2022) од авторите Милчо Јованоски и Гордана Змејковска.

Библиотеката „Григор Прличев“ со монографијата ја одбележа 70-годишнината од почетокот на манифестацијата „Прличеви беседи“ во Охрид.

– Основа, да почнеме и да продолжиме со истражувањето ни беше првата монографија од авторот Маринела Јовановиќ, која го опфаќа периодот од 1952 година заклучно со 1996 година. Нејзини издавачи се: Градската библиотека „Григор Прличев“, Радио Охрид и книгоиздателството „Мацедониа Прима“.

Ние, како автори, продолживме таму каде што се застанало и преку документи, фотографии и искажувања се надеваме дека како наш залог за идните генерации уште еднаш ги зацврстивме историските и развојните факти, за седумте децении и посебно за последните 25 години сврзани со настаните од „Прличевите беседи“ одржани во нашата матична библиотека, која со гордост го носи името на својот Патрон – Григор Прличев.

Концепциски, оваа монографија е збогатена со сеќавања и беседи за Прличев од наши и странски писатели и поети. На површина излегуваат нови факти и нешта кои до денеска не сме ги знаеле или не биле доволно разјаснети. Монографијата не е само гола фактографија на настани и хроника, туку содржи и низа стручни елементи и научни истражувања кои „шетаат“ во длабочина и широчина низ животот и творештвото на преродбеникот Прличев – објаснуваат авторите Јованоски и Змејковска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 116, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 12-13 февруари 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот