Новелата „Во главата на Бруно Шулц“ од Максим Билер е преведена на македонски јазик

Корица на македонското издание на книгата

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ деновиве ја објави новелата „Во главата на Бруно Шулц“ на современиот германски писател Максим Билер, а во превод од германски на македонски јазик на Софија Поповска.

Новелата досега е преведена на 15 јазици, а во овој случај е првото дело на Максим Билер преведено на македонски јазик. Преводот е поддржан од книжевната мрежа „Традуки“.

Во новелата „Во главата на Бруно Шулц“ писателот Максим Билер раскажува приказна за големиот еврејски писател Бруно Шулц. Во оваа магична, трагикомична, бурлескна новела, тој ни нуди патување до полскиот град Дрохобиц, во светот на Бруно Шулц, во 1938 година. Нè води во подрумот каде што Бруно Шулц, кој работи како гимназиски професор по уметност и сонува за писателска слава во Европа, му пишува писмо на Томас Ман. Тој се надева дека светски познатиот писател ќе може да му помогне да најде издавач во странство – тогаш конечно би имал причина засекогаш да ја напушти својата клаустрофобична татковина.

Меѓутоа, знаците на претстојната апокалипса се непогрешливи, му го одземаат сонот и го хранат неговиот придружник – стравот. Во умот на Бруно Шулц се појавува визија за крајот на светот, предвидувајќи го тоа што, всушност, ќе се случи потоа во окупираната Полска. А резултатот е брилијантно напишано литературно дело, полно со црн хумор.

Делото наиде на одлични реакции на критиката и медиумите: „Билер е фантастичен пронаоѓач на приказни со старомоден сјај, кој се грижи за светот, за вистината, за животот.“

Максим Билер (1960) е наградуван писател, белетрист, новинар, колумнист, литературен критичар и денес најпознатиот еврејски интелектуалец во Германија. Приврзан е за традициите на централноевропското, а посебно на еврејското творештво. Неговите текстови често ги отвораат прашањата за припадноста, идентитетот, семејството и љубовта, вината, антисемитизмот и наследството на нацисоцијализмот.

Неговиот литературен пристап е понекогаш полемичен, понекогаш горко лут, но секогаш хумористичен и луциден. Билер е шокантно искрен, пишува со очигледна елеганција и без да угодува, туку непоколебливо да разоткрива и да именува. Неговиот стил на пишување е колку поетски, толку и провокативен, интелектуално предизвикувачки и длабоко трогателен, истакнуваат од „Македоника литера“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 189, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 29-30.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот