Новата зграда на Најки ќе го носи името на една од најголемите НБА ѕвезди
Леброн Џејмс освен што е еден од најдобрите кошаркари и спортисти на денешницата, тој е и идол на милиони деца кои сонуваат да станат кошаркари. Големи заслуги за популаризацијата на Леброн Џејмс ширум светот има и неговиот спонзор, Најки. Соработката трае повеќе од 15 години, и Најки одлучи да му се оддолжи на Џејмс за верноста со тоа што новата зграда ќе ја нарече по него.
– Кога ме повикаа да ми кажат што им е намерата, не можев да верувам. Заплакав кога го слушнав нивниот предлог. Вие новинарите знаете од каде доаѓам, колку беше тешко моето детство, јас бев син единец на самохрана мајка. И сега една зграда на најпознатиот спортски бренд ќе го носи моето име – изјави Џејмс.
Најки одлучи да го прошири седиштето во Бивертон и новата шеста зграда ќе го носи името на нивната голема ѕвезда, Леброн Џејмс.
– Никогаш немаше да бидам ова што сум сега да не беше Најки позади мене. Во новата зграда покрај 20 метри долгата атлетска патека ќе има и кошаркарско игралиште. Сега ќе имам своја зграда во Најки каде моето наследство ќе остане вечно. Им благодарам што ми дадоа шанса како 18-годишно момче да го остварам сонот – напиша на својот профил на Инстаграм, Леброн Џејмс.