Новата поетска збирка „Зборови од хартија“ на Милчо Мисоски е објавена од „Антолог“

Насловна корица на книгата и авторот Милчо Мисоски / колаж

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје ја објави новата поетска збирка „Зборови од хартија“ од наградуваниот поет Милчо Мисоски и информацијата до читателите ја проследи со првата импресија на поетесата Марта Маркоска.

– Поетот отсекогаш бил во потрага по совршените зборови, но овде, поетот Милчо Мисоски му ги простува на Зборот сите речености и недоречености, затоа што сфатил дека самото наше постоење е недоречено.

„Нашето постоење е само запис во цртичката помеѓу почетокот и крајот“– напиша тој.

Некогаш, дури често, луѓето подобро се разбираат без зборови. И поарно меѓу себе се сложуваат неписмените. Многупати. Писмените често ја промашуваат и смислата и поентата. Затоа одлучив оваа импресија да биде телеграмска.

Не затоа што Милчо Мисоски не заслужува реферати. Затоа што зборовите стануваат сè поизлишни и поизлитени. Стануваат сè поразорни и пораздорни. Стануваат сè поефемерни и поништожни. И неважни. И никому потребни. Затоа нека ни легнат. Нека ни легнат овие кратки, телеграмски, искази, за да не станат ништо од горенаведеното.

Книгата „Зборови од хартија“ изобилува од мудри сентенции, во стилот на персискиот поет Руми. А кога не би имала наслови на песните, би можела да биде дел од една поема. Поема за Зборот. За Зборот – Живот, кој поминува додека го изговориш. Во еден здив. Како што се чита и оваа прекрасна книга – напиша Марта Маркоска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 219, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 24-25.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот