Нова студија: Зошто луѓето во брак имаат помал ризик од рак од невенчаните?
Љубовниот статус може да има значително влијание на вашето здравје, и тоа не само на срцето. Опсежната нова студија која ги споредила луѓето кои се или биле во брак со луѓето кои никогаш не се венчале, открила дека една група се соочува со многу поголем ризик од рак во текот на животот.
Препорачано
Поголем ризик за оние кои никогаш не биле во брак
„Тоа е јасен и силен сигнал дека некои поединци се изложени на поголем ризик“, рекол д-р Пауло Пињеиро, коавтор на студијата и научник на Универзитетот во Мајами, пренесува „Њујорк пост“.
Во истражувањето, Пињеиро и неговите колеги анализирале повеќе од 4 милиони случаи на рак кај популација од над 100 милиони луѓе во 12 американски држави помеѓу 2015 и 2022 година. Тие се фокусирале на возрасни лица постари од 30 години, анализирајќи ги стапките на рак според брачниот статус, полот и расата, земајќи ја предвид и возраста.
Учесниците биле поделени во две групи: оние кои биле или сè уште се во брак – вклучувајќи разведени и вдовци/вдовици – и оние кои никогаш не го изговориле судбоносното „да“. Севкупно, околу еден од пет возрасни лица во студијата никогаш не се венчал. Истражувачите откриле дека токму оваа група се соочува со „значително повисоки стапки“ на развој на рак во споредба со оние кои биле или се во брак.
Улогата на начинот на живот и превенцијата
Разликата била помала кај видовите карцином за кои постојат добро воспоставени програми за скрининг, како што се ракот на дојка, тироидна жлезда и простата. Меѓутоа, кај видовите рак кои во голема мера можат да се спречат и кои се поврзани со факторите на животниот стил, разликите биле значително поголеми. Ризичните однесувања како што се пушењето, прекумерното пиење алкохол и сексуално преносливите инфекции, кои го зголемуваат ризикот од рак, се поретки кај венчаните лица.
На пример, мажите кои никогаш не се ожениле имале околу пет пати поголема стапка на рак на анусот во споредба со оженетите мажи. Од друга страна, жените кои никогаш не се омажиле се соочиле со речиси три пати поголема стапка на рак на грлото на матката. И двата видови рак се тесно поврзани со ХПВ, честа сексуално пренослива инфекција која денес во голема мера може да се спречи со вакцинација.
Полови и расни разлики
Интересно е што ризикот од рак се разликувал и во зависност од полот. Мажите кои никогаш не се ожениле имале околу 70 отсто поголема веројатност да развијат рак од оженетите мажи, додека жените кои никогаш не се омажиле имале 85 отсто поголема веројатност да развијат рак од омажените жени. Тоа е пресврт на вообичаениот модел, со оглед на тоа што претходните истражувања покажувале дека мажите често имаат поголеми здравствени придобивки од бракот.
Моделите варирале и меѓу различните расни групи. На пример, невенчаните црни мажи имале највисоки вкупни стапки на рак. Сепак, оженетите црни мажи имале пониски стапки на рак од оженетите белци, што укажува дека бракот може да понуди особено силни заштитни ефекти кај таа демографска група.
Зошто бракот може да биде заштитен фактор?
Во игра може да бидат и други фактори. Омажените жени, на пример, често имаат повеќе деца, што може да го намали ризикот од одредени видови рак, како што се ракот на ендометриумот и јајчниците. Истражувачите наведѕваат дека поголемата финансиска и емоционална стабилност, која често се поврзува со бракот, исто така може да игра улога.
Претходните студии веќе покажаа дека на луѓето во брак имаат им се дијагностицира рак порано и имаат подобри стапки на преживување, веројатно затоа што често имаат посилна мрежа за поддршка, поголема економска стабилност и е поголема веројатноста да се придржуваат до пропишаното лекување.
Препораки и ограничувања на студијата
Но, ова не значи дека венчалниот прстен служи како штит од болести.
„Ова значи дека ако не сте во брак, треба да обрнете посебно внимание на факторите на ризик за рак, да ги правите сите потребни прегледи и редовно да се грижите за вашето здравје. Во однос на превенцијата, нашите наоди укажуваат на важноста од насочувањето кон свеста за ризикот и превентивните стратегии земајќи го предвид брачниот и статус“, рекол д-р Френк Пенедо, еден од директорите на Институтот Силвестер.
Студијата има и некои ограничувања. Можно е луѓето кои пушат помалку, пијат помалку алкохол, подобро се грижат за себе и се социјално поинтегрирани имаат и поголема веројатност да стапат во брак. И покрај ова, истражувачите откриле дека врската помеѓу бракот и ракот била најсилна кај возрасните над 50 години.
„Овие наоди сугерираат дека социјалните фактори како што е брачниот статус може да послужат како важни показатели за ризикот од рак на ниво на популацијата“, рекол Пињеиро.
Студијата, исто така, не вклучила невенчани лица во долготрајни, сериозни врски. Пињеиро рекол дека таа група е веројатно мала, но вреди да се следи во идните истражувања.


