Нов рекорд во медицината: Близнаци родени од ембриони замрзнати пред 30 години

Фото: Инстаграм/Рејчел и Филип Риџвеј

Во американската сојузна држава Тенеси се родени близнаци од ембриони замрзнати пред повеќе од 30 години.

Ова е веројатно нов рекорд за најдолго замрзнати ембриони досега од кои успешно се родени бебиња.

Ембрионите биле чувани на минус 128 Целзиусови степени во течен азот од 22 април 1992 година.

Рејчел Риџвеј, мајка на четири деца од Орегон, ги родила близнаците на 31 октомври годинава – Лидија со тежина од 2 кг и 580 г и Тимоти со тежина 2 кг и 900 г.

Фото: Инстаграм/Рејчел и Филип Риџвеј

Лидија Ен и Тимоти Роналд Риџвеј најверојатно поставија нов рекорд, наведува Националниот центар за донирање ембриони (НЕДЦ), приватна организација која тврди дека помогнала да се родат повеќе од 1.200 бебиња од донирани ембриони.

Претходната рекордерка на организацијата НЕДЦ, Моли Гибсон, е родена во 2020 година од ембрион кој бил замрзнат речиси 27 години.

„Одлуката за усвојување на овие ембриони би требало да ги увери пациентите кои се прашуваат дали некој би сакал да посвои ембриони што се замрзнати пред 5, 10, 20 години. Тој одговор е убедливо да!“, рекол д-р Џон Дејвид Гордон, кој го извршил трансферот на ембриони.

Фото: Инстаграм/Рејчел и Филип Риџвеј

Ембрионите на близнаците биле создадени за анонимна двојка преку ин витро оплодување.

Донорот на сперма имал околу 50 години и со неа е оплодена јајце-клетка на 34-годишната жена.

Тие биле чувани во складиште во лабораторија за плодност на западниот брег на САД до 2007 година, кога парот ги донирал на НЕДЦ во Ноксвил, Тенеси, за друг пар да ги користи наместо нив.

Ембриолозите од партнерската клиника на НЕДЦ, „Саутистерн фертилити“ потоа ги одмрзнале ембрионите и ги вметнале во матката, на почетокот на оваа година.

Во соопштението, од НЕДЦ навеле дека се надеваат дека веста ќе ги „охрабри другите да ги искусат благодатите од усвојувањето на ембрионот“.

Фото: Инстаграм/Рејчел и Филип Риџвеј

Рејчел и Филип Риџвеј, кои имаат уште четири деца (на возраст од една до осум години), за првпат се одлучиле за ин витро и за донори на ембриони.

„Сум имал пет години кога Бог им дал живот на Лидија и Тимоти и оттогаш тој го чува тој живот“, рекол Филип Риџвеј за „Си-ен-ен“ од нивната семејна куќа.

„Во извесна смисла, тие се нашите најстари деца, иако тие се нашите најмали деца – има нешто неверојатно во сето тоа“, додал Филип.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот