Норвешка ќе игра против Израел, а средствата од натпреварот ќе ги донира во Газа
Фудбалската федерација на Норвешка донесе силна и симболична одлука пред квалификацискиот натпревар против Израел за пласман на Светското првенство, кој ќе се одигра на 11 октомври во Осло. Имено, целокупниот приход од влезниците ќе биде дониран за хуманитарна помош на цивилното население во Газа..
Препорачано
„Како фудбалска организација, не можеме да останеме неми на трагедијата што секојдневно се случува. Катастрофалната хуманитарна состојба во Газа и страдањето на цивилите не оставаат простор за рамнодушност. Парите ќе ги донираме на реномирана хуманитарна организација која активно работи на терен и спасува животи“, изјави претседателката на федерацијата, Лисе Клавенес.
Натпреварот ќе се одигра на националната арена „Улевал“, која има капацитет од 26.000 гледачи. Иако се очекува голем интерес, стадионот веројатно нема да биде распродаден, делумно поради ограничувањата во безбедносниот протокол за гостинските навивачи, за кои ќе биде обезбедена засилена полициска заштита.
Одлуката на норвешката федерација не беше добро прифатена од страна на Израел. Фудбалската федерација на Израел реагираше остро, барајќи од норвешките власти да ја осудат акцијата на Хамас од 7 октомври 2023 година, истовремено изразувајќи загриженост дека средствата би можеле да завршат кај, како што наведуваат, „терористички организации“.


