НОРАД потврди: Дедо Мраз го заврши своето божиќно патување, достави повеќе од 8 милијарди подароци
Северноамериканската воздухопловна и вселенска команда (НОРАД) објави дека Дедо Мраз успешно го завршил своето традиционално божиќно патување и ја завршил овогодишната достава на подароци до децата ширум светот.
Препорачано
Распоредот за давање подароци бил завршен според планот, а летот на Дедо Мраз над различни делови од планетата го следеле десетици илјади луѓе преку онлајн платформи и апликации. Следењето на неговиот лет со текот на годините прерасна во глобален празничен настан што ги зближува семејствата секоја зима, особено најмладите.
Оваа необична традиција започнала во 1955 година, кога погрешно упатен телефонски повик стигнал во седиштето на тогашната Команда на континентална противвоздушна одбрана. Дежурниот офицер, полковник Хари Шуп, одлучил да му одговори на детето и да потврди дека Дедо Мраз навистина лета на небото, со што започнала повеќедецениска традиција што НОРАД ја негува и денес.
Директорот за операции на НОРАД, генерал-мајор Дејвид Моар, претходно изјавил дека се очекува безбедно и непречено патување, нагласувајќи дека Дедо Мраз има искуство на „вистински професионален пилот“.
Според неговите зборови, подароците традиционално се доставуваат помеѓу 21 часот и полноќ, со порака дека децата треба да бидат во кревет и да веруваат во божиќната магија.
Овогодинешниот лет особено го привлечел вниманието на корисниците на апликацијата Flightradar24, каде што Дедо Мраз во еден момент имал повеќе од 100.000 следбеници. Следењето на Дедо Мраз на НОРАД беше активирано на 24 декември во раните утрински часови по источноамериканско време.
Покрај дигиталното следење, децата имале можност и да контактираат посебна линија по телефон, каде што волонтерите ги информирале за моменталната локација на Дедо Мраз. Повеќе од 1.000 волонтери, меѓу кои се припадници на вооружените сили на САД и Канада, цивили и локални соработници, учествувале во работата на Оперативниот центар на Дедо Мраз во вселенската база Петерсон во државата Колорадо. Според НОРАД, доставени се повеќе од 8 милијарди подароци (точниот број е 8.231.970.628).
НОРАД истакнува дека целта на оваа иницијатива е да се зачува духот на празникот, радоста и заедништвото, како и да се поврзат генерациите преку една од најпознатите божиќни приказни во светот.
ВИДЕО | Дедо Мраз го започна своето патување за да дели подароци, следете го во живо


