„Њујорк тајмс“: Иран објави план од 10 точки за мир пред истекот на ултиматумот на Трамп

Американскиот „Њујорк тајмс“ ги објави деталите за она што го нарече предлог од 10 точки на Иран за прекин на војната, кој меѓу другото вклучува и такса за бродовите што ќе минуваат низ Ормускиот Теснец, како и траен прекин на израелските напади врз Хезболах.

Како што наведува угледниот американски весник во својот текст, планот наводно бил усвоен преку Пакистан, кој дејствува како клучен посредник во конфликтот во моментов, но се чини дека е малку веројатно дека ќе ги реши клучните прашања пред рокот што претседателот Доналд Трамп го постави за новите напади врз Иран кој истекува вечерва во 20.00 часот според американско време.

Двајца високи ирански претставници, кои побарале да останат анонимни со цел да бидат вклучени во  чувствителните преговори меѓу Техеран од една страна и Вашингтон и Тел Авив од друга, изјавиле дека предлогот вклучува гаранции дека Иран нема да биде подложен на понатамошни напади и бомбардирања. Понатаму, во планот се бара да се престане со израелско-американските напади врз Хезболах во Либан, но и да се укинат во целост сите санкции против Техеран.

За возврат, како што наведува американскиот медиум, Иран веднаш ќе ја укине својата фактичка блокада на Ормускиот Теснец, виталниот морски пат низ кој минуваат голем дел од светските резерви на нафта.

Според предлогот, како што пренесува „Њујорк тајмс“ Иран би наплаќал такса од околу два милиони долари за секој брод што поминува низ теснецот, делејќи ги приходите со Оман, кој се наоѓа од другата страна на водниот пат.

Така според планот, Техеран би ги користел собраните средства за обнова на инфраструктурата оштетена во американските и израелските напади, наместо да бара директна компензација и репарација од САД и Израел за насилствата врз земјата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот