Ниту се планира ниту ќе се гради погон за преработка на опасен отпад!

Железара / Фото: МИА

Единствено што постоеше беше стратешка оценка за влијанието врз животната средина доколку би дошло до чистење на тој индустриски отпад, кој и сега стои во Железара и како проблем постои веќе 50 години – објаснува Георгиевски.

Градоначалникот на Гази Баба Борис Георгиевски категорично ги демантира тврдењата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека постојат планови за изградба на фабрика за преработка на опасен индустриски отпад во близина на скопската фабрика Железарница.

– Ниту се планира ниту ќе се гради. Единствено што постоеше беше стратешка оценка за влијанието врз животна средина доколку би дошло до чистење на тој индустриски отпад, кој и сега стои во Железара и како проблем постои веќе 50 години. Значи, зборуваме за стратегии од кои треба да произлезе дали воопшто ќе се вклучи државата и општината во решавањето на проблемот со тој отпад. Стратешката оценка треба да ја одреди Министерство за животна средина, наше беше да направиме јавна расправа по која имаше  забелешки. Не само дека не ја шириме, токму спротивното, ние ја намалуваме тешката индустрија во нашата општина – вели Георгиевски.

Во еден од своите предизборни настапи потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски ги обвини СДСМ и Георгиевски дека „не се откажале од идејата за изградба на високозагадувачка индустрија веднаш до комплексот Железара“.

Информациите за тоа дека постои идеја на просторот зад Железара да се гради некаков погон излегоа откако Општина Гази Баба нарача студија за оцена на влијанието врз животната средина на урбанистички проект со кој би се оформила една градежна парцела наменета за изградба на постројки за третман на отпад. Станува збор за катастарскиот опфат наречен „Старо Скопје“ кој не е опфатен со урбанистички план. Во студиите се наведуваше можноста за употреба на одредени технологии за преработка на отпадна цинкова прашина и згура, која настанува како нус-производ од работа на челичарници и која се создава и во погоните на „Макстил“ во комплесот „Железарница“.

Еколошките здруженија, кои со внимание го следат овој случај, велат дека се уште не добиле одговор што всушност се планира да се гради на површина од 229,256 м2 за која се изработени три урбанистички проекти од друштвото за урбанизам, проектирање и инженеринг „Тектон дооел – Скопје“. Со овој проект се планирани огромни хали и резервоари, а се предвидува и дислокација на водоводот за Црешево и Смилковци кој поминува низ овој дел.

– Ова не е туку така кажано, овие податоци се наведени во објавените Нацрт извештаи за Стратегиска оцена на животната средина (СОЖС) на веб-страната на општина Гази Баба – велат од Иницијатива О2.

 

 

Видео на денот