Ниту Македонците го одбраа Груевски, ниту ДУИ го направи Заев премиер во 2016

Фото: Ерол Шаќири

Во интервјуто на вицепремиерот Бујар Османи дадено за „Слободен Печат“ веднаш по пласирањето на предизборниот слоган „Време е за Албанец премиер“ меѓудругото тој го изјави следното: „Морам да кажам дека граѓаните во 2016 година одлучија Никола Груевски да биде премиер. ДУИ одлучи Зоран Заев да биде премиер“. Двете констатации се погрешни, верувам дека и Бујар го знае тоа, но неговата цел е повторно да прикаже дека единствено ДУИ е тој одлучувачки фактор за секоја голема промена во македонското општество или парафразирано „што ќе науми ДУИ тоа и ќе се оствари“. Исто како неговиот сопартиец Груби, но во помека варијанта. Како главен претендент за столицата на Али Ахмети мора да продолжи со обидите за дефакторизација на другите албански партии за да утре има на што да седне.

МАКЕДОНЦИТЕ ОДЛУЧИЈА ГРУЕВСКИ ДА БИДЕ ПРЕМИЕР

За мене е многу фрустрирачки што се уште луѓе се „лепат“ на оваа теза земајќи ги предвид изборните резулати од 2016 година, а заборавајќи ги притоа околностите, пред се заборавајќи на 11-годишното владеење со уцени и закани и се разбира поткуп. Изборите во 2016 беа далеку од слободни затоа што гласањето под закана и уцена е токму спротивното. Како ли само луѓето брзо забораваат што беше карактеристика на тие и на сите претходни избори организирани од ВМРО-ДПМНЕ, беа се, само не израз на слободната волја на граѓаните. Зарем заборавивте на списоците кои секој вработен во админстрацијата мораше да ги однесе во партискиот штаб, зарем заборавивте дека луѓето беа приморани да го сликаат гласачкото ливче како доказ дека гласале за партијата, зарем заборавивте на „гасењето лифтови“ или „гласачите од Пустец“. Многу е лесно да манипулираш со човек кој си го вработил и кој издржува едно семејство и му укажеш дека ако не гласа за партијата што го вработила, ќе го изгуби работното место. Во истиот момент неговиот видик се стеснува, тој не размисува повеќе со главата туку со стомакот, односно размислува само за опстанокот на неговото семејство. И покрај сето ова резултатите на изборите во 2016 година беа 437 илјади за СДСМ и коалицијата наспроти 455 илјади за ВМРО-ДПМНЕ, разлика во само 18 илјади гласа. Од тие 455 илјади, минимум 100 илјади се резултат на закана, уцена и поткуп. Најголем доказ за тоа се наредните локални и претседателски избори каде полека, полека општеството почна да се ослободува од прангите на режимот, не целосно секако, но сепак почна да се создава клима на слободен избор. На локалните избори во 2017 година ВМРО-ДПМНЕ освои 335 илјади гласови, додека на претседателските во 2019 освои 377 илјади. Доколку народот навистина сакаше Груевски или неговите наследници се уште да владеат тоа ќе се реализираше во бројки. Доколку сакате пак „бујаровски“ да гледаме на бројките, тогаш на тие избори имаше и 50 илјади други македонски гласови кои гласаа за помалите партии, може ли некој со сигурност да каже дали тие беа за или против режимот? Непобитен факт е дека целото македонско општество во 2016 се мобилизираше за конечно да се стави крај на тоа штетно владеење и околу таа идеја се обединија сите, вклучувајќи  ги и Албанците.

ДУИ ОДЛУЧИ ЗАЕВ ДА БИДЕ ПРЕМИЕР Е НАВРЕДА ЗА АЛБАНСКИТЕ ГЛАСАЧИ

Барем јас лично оваа изјава ја доживувам како навреда за албанските гласачи во државата. Оваа изјава во превод би можела да значи дека ДУИ како политичка партија не ги застапува интересите на своите гласачи, интересите на Албанците општо, туку интересите на партијата. Драг Бујар Османи, во 2016 година Албанците одлучија режимот да падне, не ти, не Али Ахмети и тоа ти го покажаа низ бројки. Поради служење на тој режим каде всушност како политичка партија станавте дел од истиот, Албанците ви одземаа пола од гласовите кои ги имавте на претходните избори, од 153 илјади во 2014 година паднавте на само 86 илјади. Од друга страна за движењето БЕСА гласаа 58 илјади, за Алијанса 35 илјади, за ДПА 30 илјади и околу 30 илјади за СДСМ. Севкупно драг Бујар, 153 илјади Албанци гласаа за промена и рушење на режимот наспроти вашите 86 илјади (скоро половина помалку) со кои си земате за право да се претставувате дека одлучувате во името на сите Албанци. За да стане Заев премиер не беа доволни ни вашите 10 пратеници, туку зад идејата застанаа и Касами и Села и Тачи и доколку овие тројцата се договореа да не се формира влада, Заев немаше да биде премиер туку ќе имавме повторни избори. За одглавувањето на евроинтеграциските процеси, Договорот од Преспа, промената на Уставот се исто така заслужни и лидерите на другите албански партии, а не само ДУИ, како вие тоа сакате да го прикажете. Само еден од овие да беше против ништо од ова немаше да се случи, меѓутоа сите ја дадоа подршката затоа што тоа беше во интерес на државата и граѓаните. Значи тоа беше јасно и гласно изразена волја и затоа не можете да речете дека ДУИ одлучи така, не Бујар, и Албанците како и другите се определија за промена и оваа теза е навреда како за нив така и за нивните лидери. Доколку пак ДУИ се одлучеше повторно да коалицира со Груевски тоа ќе имаше страшни последици, не само по партијата, туку и по државата. Доколку тоа се случеше мое мислење е дека уште другиот ден ќе имаше 100 илјади Албанци кои протестираат пред седиштето на партијата, револуција ќе им случеше и ДУИ тоа многу добро го знаат. Значи да сумираме, на изборите во 2016 година гласаа вкупно 455 илјади ЗА режимот наспроти 560 илјади ПРОТИВ и тука не се ставени 86-те илјади на ДУИ за кои јас сум убеден дека беа против со што севкупниот број на гласачи ПРОТИВ би бил 646 илјади, а вие како сакате, секој со своето толкување. Така што уште еднаш, за промената не одлучи ДУИ, одлучија граѓаните кои преку бројките на ДУИ ѝ укажаа во која насока да се движи.

ПОВТОРНО ВРТЕЊЕ КОН ДПМНЕ ЌЕ ЗНАЧИ И ДЕФИНИТИВЕН КРАЈ ЗА ДУИ

Одржувајќи го Груевски на власт цели 11 години со што де факто стана дел од тој режим, се преполовија гласовите на ДУИ. Изминатите три години требаше да биде период на нивна „рехабилитација“, но судејќи по последните потези изгледа дека „папочната врска“ со ВМРО-ДПМНЕ не била целосно прекината и доколку продолжат во тој стил тоа дефинитивно ќе биде крајот на партијата.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот