Ниту еден дим повеќе: „Слободен печат“ открива како ќе изгледа новата европска програма за откажување од пушењето во Македонија
„Ниту еден дим повеќе“. Оваа одлука на пушачот е основата на програмата за откажување од пушењето, која Министерството за здравство ја најавува во склоп на Законот за заштита од пушењето и ќе ја спроведе заедно со 10 Центри за јавно здравје во Македонија.
Препорачано
„Слободен печат“ во Министерството за здравство и во Институтот за јавно здравје Скопје праша како ќе изгледа програмата за откажување од пушењето која што министерот Азир Алиу ја најавува како европска и модерна, а ќе може да ја користат сите што сакаат да се откажат од пушењето. Добивме документ „стандардна оперативна процедура за работа на советувалиштата за откажување од користење тутун при центрите за јавно здравје“. Документот е обемен и во него е опишано како ќе изгледа одвикнувањето на секој еден граѓанин кој ќе пројави интерес. Главното е дека пушачот ќе се откажува потполно и одеднаш, поточно програмата е базирана на тоа дека нема да има постепено намалување на цигарите туку свесна одлука за датум од кога граѓанинот престанува да пуши и – „ниту еден дим повеќе“. Во советувалиштата за откажување од пушењето ќе се спроведува објаснување на важноста за нагло прекинување и правилото на „ниту еден дим“, ќе се дискутираат лековите за одвикнување од пушењето, а ако се добијат донации, тие бесплатно ќе им се делат на оние што сакаат да се откажат од пушење бидејќи се работи за лекови што се купуваат без рецепта. Целата стратегија со која што во Центрите за јавно здравје ќе им се помага на пушачите да престанат со лошата навика е веќе проверена од Светската здравствена организација и се состои во 4 чекори: поставете датум за откажување, кажете им на семејството, пријателите и соработниците, очекувајте предизвици и отстранете ги тутунските и никотинските производи.
Изминатите година и половина во Институтот за јавно здравје во Скопје функционира телефонска линија 078/285-873 во понеделник и среда од 11 до 13 часот. Од граѓаните што се јавиле на оваа линија, 10 проценти се откажале од пушењето. Од другата страна на линијата со нив разговара лекар специјалист, кој и самиот пушел 4 кутии цигари дневно, а денеска не пуши воопшто.
Но, советувалиштата за откажување од користење тутун кои ќе се отвораат во центрите за јавно здравје а кои ги најавува Министерството се „следното ниво“ на поддршка за пушачите. Според документот кој го доби „Слободен печат“ ваквите советувалишта треба ќе постојат во центрите за јавно здравје во Скопје, Струмица, Куманово, Охрид, Битола, Тетово, Велес, Кочани, Прилеп и Штип. Во секое од нив, според стандардната оперативна процедура до која дојде нашата редакција, предвидено е да функционираат советувалишта за откажување од тутун и никотин со приод на медицина базирана на докази и бихевиорална терапија без разлика на тутунскиот производ кој се користи. Високи извори од Министерството за здравство за нашата редакција брифираат дека ќе се објави онлајн формулар за изразување интерес од страна на пушачите што сакаат да се откажат. Потоа тие ќе бидат дисперзирани кон нивниот Центар за јавно здравје во кој ќе биде лоцирано советувалиштето.
Групна едукација
Сите што ќе се пријават во советувалиштето ќе имаат можност да изберат меѓу две опции – индивидуално советување и/или групна едукација. Во групната едукација конкретно, преку работа во мали групи од 6 до 10 корисници ќе се работи на поттикнувањето на корисниците да се откажат од тутунот и ќе им се предочат тераписките можности. Предвидена е 4-неделна програма со неделни сесии од која секоја трае приближно 60 минути. На првата сесија граѓаните ќе може да разберат зошто се зависни од никотин, кои се ризиците од тоа што пушат и кои се придобивките од тоа да престанат. Ќе им се даде поддршка да си одредат ден кога ќе се откажат од пушењето и ќе им се направи програма и план за откажувањето. Ќе им биде презентирано како зависноста од никотинот влијае на мозокот и на телото. Втората сесија е резервирана за справувањето со симптомите на апстиненцијата, техниките за контрола на желбата за тутун, разговор со учесниците за нивниот статус како непушачи и едуцирање на вообичаените симптоми на апстиненција што се јавуваат по прекинот со пушењето.
На пример, ќе бидат запознаени со стратегии за управување со стресот, како што се вежби за длабоко дишење и внимателност.
Третата групна сесија е наменета за стратегии да се спречи враќање кон пушењето (релапс) – справување со неуспесите и одржување на мотивацијата. Ќе се креираат сценарија за појава на релапс и нивно надминување. Четвртата сесија е за прославување на успесите и поставување на долгорочни цели.
Се планира да се води евиденција на корисниците кои присуствувале во групното советувалиште со запишување на нивните контакти. Сите кои по групното советување ќе пројават интерес за откажување од пушење – добиваат термин за индивидуално советување. Терминот се добива веднаш, најдоцна за 2 дена по завршувањето на групното советување.
Индивидуално советување
Индивидуалното советување ќе се спроведува во повеќе сесии. На првата ќе биде дочекан корисникот и ќе му се мерат висината, тежината, крвниот притисок, индексот на телесна маса, но и ќе му се одредува концентрацијата на јаглен моноксид со мерач или со брз тест преку плунка. На оваа прва индивидуална сесија е предвидено пушачот да си го одреди датумот кога ќе престане да пуши – прекинувањето е нагло и одеднаш со свесна одлука. Следењето на јаглерод моноксидот е корисна мотивациска алатка за корисниците која им дава видлив доказ за штетите предизвикани од пушењето и со оваа алатка ќе се означи нивниот напредок откако ќе престанат да пушат. Истражувањата покажуваат дека граѓаните имаат поголема веројатност да се откажат од пушењето ако се користи детектор на јаглерод моноксид. Овој уред е употреблив само кај корисниците што пушат класични тутунски производи што го согоруваат тутунот.

Освен ова, на пушачите во склоп на индивидуалното советување, ќе им се прави проценка на степенот на зависност преку таканаречен Фагенстромов тест.

На втората индивидуална сесија ќе се потврди дека лицето има доволно резерви терапија, какви симптоми го чекаат по откажувањето на тутунот, совети за промена на рутината, детектирање на сите потенцијални високоризични ситуации наредната недела, нагласување на важноста на наглото прекинување а не постепеното намалување, обврската корисникот да води дневник ако му е пријатно. На третата, четвртата и петтата сесија ќе се мери нивото на јаглерод моноксид, ќе се разговара за терапијата за откажување од пушењето, за симптомите после откажувањето што ги чувствува граѓанинот, за тешките ситуации и методи за справување.
Индексот на зависност од никотин, кој ќе им се пресметува на сите што ќе се пријават во центрите за јавно здравје по отпочнувањето на програмата, се состои од две прашања: „Колку долго по будењето ја палите првата цигара“ и „колку цигари во просек пушите дневно?“. Резултатите може да бидат висока, средна и ниска зависност од никотин. Тие луѓе што првата цигара ја палат до 30 минути по будењето имаат висока зависност од никонтин, заедно со пушењето над 30 цигари дневно.


