Никогаш не го правете ова додека го капете домашниот миленик: Како да избегнете „жешки точки“ и „жаришта“?
Капењето на домашниот миленик понекогаш е вистинска мисија: по убедувањето и „борбата“ кучето да влезе во бањата и кадата, одредувањето на соодветната температура на водата и темелното плакнење, следува и неизбежното истресување. Но, без разлика дали капењето поминува лесно или со многу мака, најважно е по него да му обезбедите на кучето темелно сушење, пишува „Љубимци“.
Препорачано
Прекумерната влага во крзното може да создаде сериозен проблем. Не станува збор само за непријатниот мирис на мокра длака, туку за тоа што влагата под заплетканото крзно или вишокот вода во ушите може да предизвика здравствени тегоби – од иритација и чешање до воспаленија и појава на рани. Куче што чувствува иритација на кожата нема да ве повика да го почешате, туку ќе го направи тоа само, а понекогаш ќе продолжи да се чеша и гризе сè до крв. Тогаш настанува она што се нарекува жариште или „жешка точка“, кое, ако не се лекува, може да прерасне во инфекција, бидејќи станува лесна мета за бактерии, како што е стафилококата.
Како се лекуваат жариштата на кожата на кучето?
Жариштата можат брзо да зараснат доколку кучето не ги допира. Комбинацијата од брза нега и спречување на влошување на лезијата помага раната да заздрави за само неколку дена. Третманот вклучува потшишување на длаката околу зафатеното место и чистење со антимикробен раствор. Потоа се нанесува стероидна маст, а околу вратот на кучето се става конусна или елизабетанска огрлица за да се спречи чешањето.
Дали одредени раси се посклони кон појава на „жешки точки“?
Кучињата со долго или густо влакно се под поголем ризик од проблеми предизвикани од влага на кожата. Особено склони се златниот ретривер, германскиот овчар, бордер коли, шпаниелите и бернардинецот. Освен „жешките точки“, кучињата со густо крзно или со постоечки кожни заболувања можат да развијат и бактериски или габични инфекции.
Склоноста кон појава на „жешки точки“ зависи и од типот на крзното. Кај кучињата со двојна длака, како што се пудлата и голдендудлот, крзното често се заплеткува и задржува влага меѓу кожата и влакната, што создава дополнителни проблеми. Ако кожата е веќе оштетена, влагата може да предизвика уште посериозни инфекции.
Со што треба сопствениците да ги сушат своите кучиња?
Слично како кога ја сушиме косата со пешкир, и кучињата прво треба делумно да се исушат со пешкир, а потоа да продолжат со сушење на сонце или во затворен простор, на топло место. Доколку кучето има историја на „жешки точки“, алергии или други кожни проблеми, или е склоно кон инфекции на ушите, дополнителното сушење е особено корисно.
Секој квалитетен пешкир што добро впива вода е доволен, а може да се користи и фен за коса со опција за ладен воздух. Кај кучињата со кратка длака, сушењето со пешкир во повеќето случаи е сосема доволно. За кучињата со густа и дебела длака се препорачува фен со топло или ладно дување, но без насочување кон ушите, бидејќи тоа може да задржи повеќе вода и да придонесе за инфекции.
Кога да се реагира?
Доколку кучето почне интензивно да се чеша, потребно е веднаш да се прегледа и да се проверат ушите. При прегледот, длаката треба да се раздели за да се види состојбата на кожата. Ако има рана, дури и мала, таа може значително да се зголеми за само неколку часа, па миленикот треба да се однесе кај ветеринар.
При проверка на ушите не треба само визуелно да се гледаат, туку и да се помирисаат. Доколку од ушите доаѓа непријатен мирис, тоа секогаш има причина.
Кучињата кај кои влакното често се заплеткува најчесто страдаат од „жешки точки“ предизвикани од влага, а инфекциите на ушите често настануваат како комбинација од висока влажност и кожно жариште. Водата од када или базен може да навлезе во увото и да предизвика инфекција, што доведува до чешање на вратот и грлото поради непријатност, а со тоа и до појава на „жешка точка“.
Други можни причини за појава на чувствителни места на кожата кај кучето се алергии, каснување од крлеж или болва, проблеми со аналните жлезди, па дури и болни мускули и зглобови.


