Никако да почне амандманската расправа за новиот деловник

Тешко одат преговорите помеѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и пратеникот од Левица Борислав Крмов за усогласување на новиот собраниски деловник, предложен од собранискиот спикер, брифираат собраниски извори. Неизвесно е дали и по одложувањето, попладнево ќе почне амандманската расправа за деловникот на Комисијата за деловничко мандатно-имунитетни прашања.

Како што веќе објавивме за предлог деловникот има поднесено нешто помалку од 2.000 амандмани од кои 1.860 се од Левица, додека другите се од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.

Консултациите помеѓу Џафери и Крмов почнаа во минатиот четврток. Во петокот по неколку одложувања, комисиската расправа воопшто не почна, а за усогласување на амандманите се разговара и во текот на денешниот ден.

Од Левица за „Слободен печат“ веќе потврдија дека суштински се 48 амандмани, дека целта не им е да го блокираат деловникот, но сепак, велат дека ако нема договор за нивните црвени линии, новите правила за работата на Собранието ќе ги блокираат.  За Левица клучни се амандманите за филибастерингот, за двојазичноста во Собранието и за верификацијата на мандатите.

Џафери претходно на брифинг со новинарите изрази очекување дека новиот деловник ќе биде донесен со консензус и оти најверојатно ќе биде ставен на дневен ред на новата седница закажана на 2 ноември.

Деловникот ќе се применува од почетокот на новиот собраниски мандат. Првпат по него ќе постапува актуелниот претседател на Собранието Џафери со свикување на конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Новина е тоа дека таа седница нема да може да трае повеќе од три дена.

Дебатата за новиот деловник почна пред пет години во дијалогот „Жан Моне“, кој е заеднички процес на Европскиот парламент со Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот