Ограничената блокада на законите го блокира деловникот предложен од Џафери

Џафери и Крмов/ Фото: Колаж на СП

Една од најголемите забелешки на Левица е дека се укинува филибастерингот, односно можноста за блокада на законските решенија, бидејќи амандманската расправа за законите во редовна постапка со новиот деловник ќе биде ограничена на пет дена.

И по целодневно преговарање меѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и пратеникот на Левица Борислав Крмов, неизвесно е дали ќе помине новиот собраниски деловник. Комисијата за мандатно-деловнички прашања на која требаше да почне амандманската расправа неколкупати беше презакажувана за да се дојде до договор за новите правила за работата на Собранието (до затворањето на овој број на весникот, седницата не почна).

Доколку опозициската Левица не ги повлече амандманите, тешко дека ќе помине новиот Деловник, чиј предлагач е претседателот на Собранието Џафери, а за кој веќе има консензус помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. За текстот на Деловникот најавени се околу 2.000 амандмани од кои 1.860 се на Левица.
Убедувањата помеѓу Џафери и Крмов траеја неколку рунди, меѓу кои следуваа внатрепартиски консултации во Левица и, според информациите, од 1.860 амандмани се усогласиле за 10, но не и за суштинските на кои инсистира партијата.

Една од најголемите забелешки на Левица е дека се укинува филибастерингот, односно можноста за блокада на законските решенија, бидејќи амандманската расправа за законите во редовна постапка ќе биде ограничена на пет дена. Ова ќе значи дека се одзема единствената можност на опозицијата да блокира законско решение. Филибастерингот е позната практика во повеќе парламенти, не само во европски земји.

Засега нема согласност ни за амандманот на Левица против двојазично Собрание. Таков амандман поднесе и независната пратеничка Гордана Силјановска Давкова, а со него се бара да се почитува амандманот 5 од Уставот, односно да не се менува – како што се предлага – со формулацијата дека во работата на Собранието службен јазик е македонскиот, како и јазикот што го зборуваат 20 отсто од граѓаните. Според актуелниот Деловник, во работата на Собранието службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Левица инсистира да остане и одредбата од актуелниот Деловник – ако некој закон е донесен со 61 глас, толку да бидат потребни и за автентичното толкување, а не како што е предложено во новиот за сите закони автентичното толкување да може да помине со 61 глас. Партијата инсистира предлог-законите да не може да одат на пленарна ако прво не ја поминат расправата во матичната комисија.

Од Левица велат дека не им е цел да го блокираат донесувањето на новиот деловник, кое ќе зависи од подготвеноста на Џафери да прифати дел од нивните суштински амандмани, вкупно 48, но од партијата не прецизираат колку амандмани треба да ѝ бидат прифатени за да гласа за деловникот.

Џафери завчера во брифинг со новинарите рече дека околу 30 амандмани се усогласени и дека се надева оти деловникот ќе помине. Се очекува да поминат и дел од амандманите што се претходно прифатени со консензус од координаторите на пратеничките групи. Џафери се надева оти новиот деловник ќе биде донесен со консензус и дека најверојатно ќе биде ставен на дневен ред на новата седница закажана на 2 ноември. По маратонските преговори со Левица, неизвесно е дали новиот деловник ќе биде донесен или целосно ќе биде блокиран.

Планирано е новиот деловник да почне да се применува од новиот собраниски состав. Актуелниот претседател на Собранието ќе го проба со свикување на конститутивната седница, која не ќе може да трае повеќе од три дена и ќе мора да заврши со избор на претседател на Собранието.

Дебатата за новиот деловник почна пред пет години во дијалогот „Жан Моне“, кој е заеднички процес на Европскиот парламент со Собранието.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот