Ниедна фирма не се пријавила да го исчисти езерото Младост — една година без анализа за цијанотоксини
Нема пријавени на јавниот повик распишан од јавното претпријатие за водостопанство (ЈПВ) „Лисиче“ за механичко отстранување наслаги и друга органска материја од вештачкото езеро Младост кај Велес, објави порталот „Сакам да кажам (СДК)“.
Препорачано
На повикот, кој заврши на 13 октомври, се бараше фирма која ќе ја отстранува органската маса од изумрени алги и трски која плива по површината, но и ќе ги отстрани исушените дрвја и ќе ја исече трската по крајбрежјето, за што има дозвола од Министерството за животна средина.
Од „Лисиче“ изјавиле за СДК дека во рокот за пријави немаат добиено ниедна понуда и најавиле дека наскоро ќе објават нов јавен повик, со надеж дека некој ќе се јави за да ја заврши оваа обврска, една од неколкуте кои Хидробиолошкит завод од Охрид ги посочи како неопходни за ревитализација на езерото.
Меѓу обврските се и дотур на свежа вода, за што е предвидено дупчење бушотини кај Отовичка Река и промена на сигурносниот вентил на браната за испуштање вода од акумулацијата. Владата за овие три проекти издвои 10 милиони денари.
Водата во Младост, според микробиолошките индикатори, е добра до одлична по добиените параметри, соопштија од Центарот за јавно здравје во Велес по извршените анализи.
Примероците биле земени на 19 септември. Според физичко-хемиските параметри, квалитетот на водата е трета класа сатурација по присуство на амонијак и матност, додека по останатите параметри е втора и прва класа. Испитувана била водата од четирите плажи, Градска, онаа кај хотелот „Романтик“, Отовичка и кај Бела Вода.
Но, од Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) останува истото предупредување дека водата од езерото не смее да се користи за капење, полевање и за рекреација зашто на површината има пивтиеста маса и сунѓерести наслаги. Претходно е потребно да се испита дали има цијанотоксини.
Но, и покрај тоа што ова предупредување од ЦЈЗ се повторува една година, досега не е испитано дали има цијанотоксини, иако тоа во српскиот Центар за јавно здравје во Белград чини 110 евра, се вели во текстот на СДК.


