Ни милиметар не мрднуваме, со километри заостануваме – кој профитира од застојот на Македонија кон ЕУ?
Политиката на „не попуштаме“ ја претвора европската агенда во чекалница без јасен рок и без видлива динамика. Наместо преговори со конкретни цели и временска рамка, процесот се сведува на тестирање на издржливоста – и на државата и на самата идеја за членство.
Каде води стратегијата на Владата заснована на „не се поместуваме ни милиметар“ во однос на исполнувањето на условите за европска интеграција на Македонија? Дали позицијата „ќе чекаме колку што треба“ практично значи замрзнување на евроинтегративниот процес со Европската Унија, или може да отвори простор за нова преговарачка динамика? Кој реално добива од статус-кво ситуацијата – домашната политика, Брисел или Бугарија? Кои се реалните сценарија понатаму – пробив со политички компромис, пролонгиран застој или постепено оддалечување од европската агенда?
Препорачано
Овие четири прашања во моментов ја дефинираат суштината на македонската европска дилема. Од пораки за забрзување на преговорите до став дека ќе се чека „колку што треба“, политичкиот курс се пренасочува кон неизвесност.
Наместо јасна временска рамка, на маса е поставена стратегија што повеќе ја тестира издржливоста – ем на државата ем на самиот процес.
Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека земјата нема да „мрдне ни милиметар“ во однос на уставните измени ја поместува тежишната точка – од активен реформски и преговарачки процес кон стратегија на политичко позиционирање и чекање.
Преговарачката рамка, сепак, останува непроменета. Таа ги предвидува уставните измени како предуслов за отворање на кластерите, што значи дека без внатрешен политички консензус, процесот не може да продолжи. Оттука, стратегијата на „чекање“ практично ја префрла иницијативата кон Брисел и земјите членки, но без индиции дека тоа ќе резултира со промена на позициите.
Во вакви околности, улогата на Бугарија останува клучна. Билатералните прашања, инкорпорирани во европската рамка, ја прават динамиката зависна од политичките односи меѓу двете земји. Без нивно надминување, европската перспектива останува условена.
Темни облаци над Европа
Универзитетскиот професор и прв министер за надворешни работи Денко Малески во разговор за „Слободен печат“ укажува на повеќе аспекти од ваквата позиција.
– Позицијата е одржлива само во смисла дека антибугарската карта, која има длабоки историски корени, со која ги доби изборите, ќе ја одржи партијата на власт во овој мандат. Колкав ќе биде застојот зависи и од карактерот на промените кои се случуваат на европскиот континент и во светската политика. Повлекувањето на Америка од Европа би можело да предизвика имплозија на ЕУ, па за некоја година целата дебата меѓу Македонија и ЕУ може да стане беспредметна – оценува Малески.
И во нормални околности, додава тој, нашата позиција ќе значеше замрзнување на евроинтегративниот процес на долг рок.
– Со Грција, да не заборавиме, тоа траеше 25 години, а со Бугарија досега трае пет-шест години. Значи, не гледам нов простор за нови преговори. Одговорноста на големите европски сили е примарно насочена кон сочувувањето на единството на ЕУ. Така било досега, а во услови на конфликти денес, ќе биде уште повеќе – објаснува Малески.
На прашањето кој ќе ќари најмногу од статус-кво ситуацијата, тој смета дека најголемите победници се партиите на власт и политичарите што ги предводат тие партии.
– Со оглед на длабочината на конфликтот меѓу Македонија и Бугарија и неисцрпниот патриотизам на народот, ситуацијата може да се експлоатира уште некој мандат. Губи државата и губи народот, кој ги пропушта златните години на ЕЗ/ЕУ и продолжува на истата патека и денес. Зарем треба да ни се случи нешто страшно, па да се отрезниме и да разбереме дека е во наш интерес да најдеме „модус вивенди“ со соседот и да одиме кон вистинско пријателство. Една англиската поговорка вели дека покривот се прави кога свети сонце. Сега, Европа и светот се зафатени со страшно невреме, па тешко дека некој од политичарите ќе се качи да го поправа покривот со Бугарија. Или, можеби мислиме дека додека беснее невреме во светот, кај нас грее сонце? – заклучува Малески.
„Салама“ стратегија
Малинка Ристевска Јорданова, експерт за ЕУ, во изјава за „Слободен печат“ вели дека токму наметнатата дилема „усвојување на уставните измени“ или „оддалечување од европската агенда“ е замката во која упаднавме и на која масовно се сведува евроинтеграцијата.
– Повторно и повторно се наметнува кусорочниот пристап, небаре тој „храбар“ чин брзо и безусловно ќе ни ги отвори вратите во рајот – полноправно членство во ЕУ. Реалноста е далеку од тоа. Продолжениот фокус на уставните измени е дел од тактиката „салама“ – користење повторени „свршени чинови“ за полесно да се проголта тешко сварливиот политички пакет. За можните последици требаше да се дискутира и кога се усвојуваше „францускиот предлог“, но таква расправа недостасува и сега – објаснува Ристевска Јорданова.
Таа додава дека искуството досега требаше да нѐ научи дека сите услови што беа надвор од правното наследство на ЕУ реално нѐ оддалечија од она што требаше да биде вистинска ЕУ-агенда, а дополнително ги зголемија внатрешните поделби по сите основи.
– Доминантен став е дека проширувањето мора да оди напоредно со внатрешни реформи во ЕУ, што ќе се одвиваат исклучително тешко, а не се ни започнати. Покрај тоа, во игра се опциите за постепена интеграција, но зад тоа – и концепцијата на „концентрични кругови“. Следењето, анализата и реакцијата на сите овие настани бара силен капацитет. Во овие услови, крајно време е да се излезе од партиските ровови и да се изгради државна стратегија, која ќе биде вклучувачка и сеопфатна. И крајно време е да престане разградувањето на сé она што во институциите е создадено низ годините за евроинтегративниот процес – вели Ристевска Јорданова.
Две сценарија
Универзитетскиот професор Александар Спасеновски, пак, смета дека владината стратегија е политички оправдана.
Тој за „Слободен печат“ вели дека станува збор за легитимна позиција што дополнително го афирмира европскиот пат на државата, но истовремено инсистира тоа да биде придружено со јасни гаранции дека преземените обврски ќе водат кон конкретен исчекор.
– Особено ако се има предвид дека политичката криза во Бугарија во изминатиот период го измести тежиштето на расправата во една поинаква, често нерационална зона, каде што билатералните прашања се користат за внатрешнополитички цели. Во такви околности, инсистирањето на предвидливост може да се разбере како обид процесот да се врати во рамките на рационална и принципиелна европска логика. Оваа позиција сметам дека треба да се чита како политичка порака дека континуираното поместување на пречките кон нашата држава не е одржлив модел на добрососедство и европско однесување. Долготрајната политичка криза во Бугарија, обележана со серија парламентарни избори, создаде амбиент во кој билатералните прашања лесно се префрлаат во доменот на дневната политика. Во такви услови, реториката станува поагресивна, а рационалниот дијалог потешко одржлив. Оттука произлегува и една поширока дилема, која фигуративно може да се постави како: „Кој е телефонскиот број на официјална Софија“ денес? Дали одлуките се носат во Владата или во изборните штабови на политичките партии? – објаснува Спасеновски.
Тој вели дека постојат две сценарија.
– Првото сценарио е пробив во европските интеграции кој е можен само доколку се стабилизира политичката сцена во Бугарија и се добие појасен сигнал од ЕУ дека процесот ќе се движи без нови билатерални условувања. Во таа смисла, формирањето стабилно мнозинство во Софија и политичка влада со силен легитимитет е многу важна претпоставка за појава на „помирни ветришта“ и за генерирање нова доза на толку потребниот оптимизам во односите помеѓу двете држави. Второто сценарио е формален тек на процесот, но без суштински напредок. Клучниот предизвик е да се избегне токму ова второ сценарио и да се создадат услови за предвидлив и кредибилен европски пат во кој обврските ќе имаат јасен исход, односно нема да бидат дел од бескраен циклус на условувања – истакна Спасеновски.


