автобуска постојка/фото СЛободен Печат/Слободан Ѓуриќ

„Независни заедно“: Додека во Скопје најранливите сѐ уште мрзнат по автобуски и дишат загаден воздух, Европа бележи големи поместувања во мобилноста

Во Скопје се зборува за нови сообраќајни решенија со проширени буевари, кружни текови и со БРТ. А оние најранливите луѓе сѐ уште мрзнат на автобуските станици, дишат загаден воздух и чекаат и чекаат, реагира граѓанско-политичката платформа „Независни заедно“. Во меѓувреме, велат оттаму, во Европа има пет важни структурни поместувања што ја редефинираат урбаната мобилност.

Според „Независни заедно“, треба да се види како Европа инвестира во мобилноста, а притоа да се направат споредби со нашите политики за мобилност, но и да ги идентификуваме слабостите и учиме од добри пракси.

Како прво, зборуваат за 15-минутните градови како проверени успешни модели на одржливо планирање.

„До 2026 година, парискиот модел ‘15-минутен град’ обезбедува 80% од дневните потреби да се задоволат на растојание што може да се помине пеш или со велосипед за 2 милиони жители, со што употребата на автомобил се намалува за 35%. Во 2026 година, моделот се шири и надвор од ‘водечките’ градови, па градови во Обединетото Кралство и Полска вградуваат хиперлокални мешовито-наменски јадра: мали зони (зонирачки кластери) што на едно место ги обединуваат работата, трговијата и основните услуги“, нагласуваат оттаму.

За „Независни заедно“ нема сомнеж дека вакви примени ја намалуваат потребата од патување, а со тоа и емисијата поврзана со движење до работа за до 40%. Односно, сѐ е достапно пеш или со точак, наместо со друг тип превоз.

Второ, посочуваат ги посочуваат е-велосипедите како економски „двигатели“.

„Е-велосипедите чинат 70% помалку од автомобилите, и за поседување, одржување и користење. Во Амстердам, товарните е-велосипеди покриваат над 15% од логистиката на испорака намалувајќи го метежот и без потреба од нова инфраструктура. Градовите реагираат со проширување на заштитени коридори, ставајќи ја во преден план безбедноста и предвидливоста на времето, наместо највисоката брзина“, соопштуваат тие.

Фото: „Независни заедно“

Понатаму, зборуваат и за потребата за мултимодална „магија“ и анализа на податоци.

„’EU Mobility Data Spaces4 овозможуваат интегрален пристап до јавни и приватни податоци за мобилност, подобрувајќи ја ефикасноста на рутите за до 25% во пилот-градови. Во зоните со ниски емисии дополнително се засилуваат овие ефекти, насочувајќи ги луѓето кон интегрирани (мешовити), мултимодални патувања наместо кон возила со единечен патник“, нагласуваат оттаму.

Солуциите се паркинзи надвор од центрите, велат тие, но се поврзани со јавен превоз, со директна линија до места од интерес, или со можност за изнајмување велосипеди.

Исто така, ја споменуваат и „тивката“ револуција на вештачката интелигенција (ВИ).

Како што објаснуваат, ВИ не е само предвидување на сообраќај, туку управување на сообраќајната мрежа во реално време.

„Во Хелсинки, предиктивната сигнализација за велосипедски ленти го намали метежот до 28%. ВИ низ Европа дава мерливи придобивки и во безбедноста и во пропусноста, без инфраструктурни инвестиии во изградба на нови сообраќајници. Важно е што овие системи сè почесто ги имплементираат самите градови, а не глобални технолошки продавачи“, велат од „Независни заедно“.

Воедно, сметаат дека се потребни и „зелени“ мандати на градоначалниците.

„Околу 95% од европските градови следат цели за ‘нула автомобили’ или ‘малку автомобили’ колку за климатско сигнализирање, толку и за стабилност и предвидливост на трошоците, за економијата и за домаќинствата и за управување со енергетски ризици. Ова поттикнува промената на однесување да е побрза и потрајна“, сметаат од платформата.

На крајот, констатираат дека градовите што ќе успеат во урбаната мобилност нема да бидат тие каде се движите побрзо, туку каде што се дизајнираат решенија за помали трошоци, помала зависност од личен автомобил и почиста животна средина.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот