Фото: Приватна архива

Неодолив десерт од Дијана Иваноска: Сочна торта со јагоди и бела чоколада

Дијана Иваноска од Тетово, со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Дијана стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

– Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната – ни открива Дијана.

Таа денеска споделува рецепт за торта со јагоди и бела чоколада.

– Јагодите ми се омилено овошје, а бидејќи многу кратко време се во сезона, се трудам максимално да ги користам додека ги има. Но, јагодите можете да ги замените со кое било друго овошје по ваш избор. Во тестото на оваа торта има павлака која го прави ептен сочно. Во комбинација со овошје и кремот со бела чоколада ќе добиете неодолив летен десерт – посочува Дијана.

Фото: Приватна архива

Потребни состојки:

За кората:

– 200 г брашно
– 1 ќесичка прашок за печиво
– 200 г шеќер
– прстофат сол
– 250 г кисела павлака
– 4 јајца
– 125 г растопен путер
– 250 г јагоди сечкани (или друго овошје по ваш избор)
– 200 г сечкана бела чоколада

За кремот:

– 100 г бела чоколада
– 100 мл слатка павлака
– 125 мл слатка павлака изматена
– 400 г јагоди (или друго овошје по ваш избор)

Фото: Приватна архива

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 180 степени и премачкајте го калапот за торта со путер (јас користев калап со димензии 20 см). Измешајте го брашното со шеќерот и прашокот за печиво. Во друг сад измешајте ја павлаката со јајцата и растопениот путер. Измешајте ги сувите и влажните состојки.

Додадете ги сечканите јагоди и чоколадата. Префрлете ја смесата во калапот за печење и печете околу 50 минути. Боцнете со чепкалка, ако е сува, тоа значи дека смесата е готова. Белата чоколада и слатката павлака растопете ги и оставете да се изладат целосно. Додадете ја оваа смеса во изматетената слатка павлака. Нанесете го кремот на изладената торта. Наредете ги свежите јагоди врз кремот. Изладете ја тортата и уживајте.

Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот