Нема тест за Ковид-19 на државно за тие без симптоми на акутна респираторна инфекција!

Македонија Скопје ковид-19 коронавирус маска маски
Жена со заштитна маска на ул. Македонија / Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Критериумите на Институтот за јавно здравје за тоа од кого се зема брис се строги и особено неповолни за оние потенцијални заболени што не знаат дали контактирале со некој што го има вирусот.

Ако не одат на приватно да се тестираат за присуство на коронавирус, граѓаните што немаат класични респираторни симтоми за ковид 19, или не знаат дека имале директен контакт со заразен, во државното здравство тест не можат да добијат.

Ова и самите го проверивме, бидејќи со симптоми на омалаксаност, главоболка и без да можеме да посочиме конкретен контакт со заболен од коронавирус, матичниот лекар не ни закажа тест за коронавирус на еден од 14те пунктови иако се обидувавме три пати.

Во Центарот за јавно здравје пак, не прашаа дали сме имале контакт со заразен, на што одговоривме дека тоа не можеме да го знаеме поради големиот број асимптоматски носители на вирусот, и тоа беше доволно да бидеме одбиени за тестирање.

Критериуимите на Институтот за јавно здравје за тоа од кого се зема брис се строги и особено неповолни за оние потенцијални заболени што не знаат дали контактирале со некој што го има вирусот.

Сите Центри за јавно здравје во земјава се задолжени да земаат материјали за лабораториско испитување за присуство на Ковид 19 исклучиво во следните три случаи:

Ако пациентот има треска со најмалку еден симптом на респираторно заболување како кашлица, тешкотии при дишење, или недостаток на воздух и за кој ниту една друга етиологија целосно не ја објаснува клиничката презентација и има историја на патување или престој во земја или област или територија каде е регистрирана локална трансмисија со Ковид 19 во период од 14 дена пред почеток на симптомите.

Вториот случај во кој се тестира за коронавирус, е пациент со било која акутна респираторна инфекција и кој бил во контакт со потврден или веројатен ковид 19 случај во период 14 дена пред почеток на симптомите.

Проблем настанува кога тие што имаат симптоми на акутна респираторна инфекција не можат да посочат дали биле во контакт со веќе потврден случај на коронавирус. За нив, тест нема, освен ако не си платат на приватно.

Третиот случај во кој се тестира некој за коронавирус на државно, е пациент со кашлица, тешкотии во дишењето или недостаток на воздух и кај кој е потребна хоспитализација и за кој ниту една друга етиологија целосно не ја објаснува клиничката презентација.

Не се тестираат лица кои немаат симптоми на акутна респираторна инфекција. Оваа одлука за спроведување на тестирање е доставена до членовите на кризните штабови на локално ниво со цел да се спречи преоптоварување на институциите кои вршат дијагностика на централно ниво, да се овозможи брзо и навремено доставување на резултати и воедно да се има реална слика за епидемиолошката состојба во државата.

Дополнително, во лабораториските упати за тестирање за ковид 19 кои се испраќаат до вирусолошката лабораторија на ИЈЗ задолжително да се внесува матичниот број на лицео то од кое се зема материјал за тестирање.

Коронавирусот има широк спектар на симптоми и некои од нив се атипични. Докторката од Куманово Гордана Николиќ, за Слободен печат вели дека да ја тестирале неа според овие симптоми, никогаш немало да добие тест.
Јас вакви симптоми воопшто немав. Моите беа главоболка и многу многу лесна кашлица и болки во грбот, пределот на бубрезите. Воопшто на почетокот немав ни треска, ни температура ниту некоја голема кашлица, вели Николиќ.

За одбиените на државно, останува единствената опција, да си се тестираат на приватно. Таму цените растат, поради големата побарувачка на тестови и дефицит на потрошен материјал на светско ниво.

Трошоците за извршување на еден тест на приватно, се зголемени зашто и по 4 пати е зголемен персоналот што работи во лабораториите, се набавуваат нови роботи за екстракција на ДНК, се набавуваат нови кабинети за подготовка на реагенси за ПЦР анализа, нови машини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот