Нема свадби и крштевки, повеќе од 200 угостителски објекти остануваат под клуч

Фото: Unsplash

Нашите анализи покажуваат дека секаде во регионот каде што беа дозволени свадби, бројката на новозаразени со ковид-19 растела, вели Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје Скопје.

На својата четврта седница Владата ги разгледа и ги прифати општите препораки за организирање настани, но со нив не се опфатени приватните веселби. Тоа значи дека и натаму нема да се организираат свадби и роденденски прослави во специјализираните објекти за таква намена. 

Според податоците на Независната угостителска комора, во земјава се регистрирани безмалку 6.500 угостителски објекти, од кои речиси 100 работат како ноќни клубови, кабареа и дискотеки, а повеќе од 200 се специјализирани за прослави и веселби. Во изминатите години инвестицијата во овие угостителски објекти е поголема од 50 милиони евра. Годишниот промет што овие угостители го прават изнесува речиси 100 милиони евра. Оваа година, оценува НУК, нивниот промет нема да биде ниту 5 отсто, што ќе ги доведе до безизлезна ситуација во правата за работа за опстанок.

Според Државниот завод за статистика, бројот на склучените бракови во ова тримесечје од годината е намален за 66,5 проценти во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 1.147 бракови. Склучувањето граѓански брак може да се направи само во матично.

Александар Стојанов, директор на Центарот за јавно здравје Скопје, за „Слободен печат“ вчера изјави дека од нивните анализи, секаде во регионот каде што беа дозволени свадби, растела бројката на новозаразени со ковид-19.

– Проблем е што и покрај тоа што ние не даваме препораки за големи настани, тие сепак се организираат без да се спроведуваат протоколите – рече Стојанов.

Во меѓувреме, НУК ги достави унифицираните препораки за работа на угостителската индустрија до Владата, министерствата и до Комисијата за заразни болести. Препораките за работа во услови на ковид-19 се според глобалните стандарди и може да се применат не само во земјава, туку и во рамките на Балканот.

Комората очекува јавна дискусија и дебата за предложените препораки. На угостителите што не работат, смета НУК, мора да им се подаде рака и да им се даде шанса со протоколи и препораки за работа, кои ако сакаат да опстанат, ќе мора да ги почитуваат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот