Нема повеќе изградба на висококатници, Општината забрани куќите во Пржино и Црниче да станат згради

Фото: Општина Кисела Вода

Поради забрзаната урбанизација, се јавуваат проблеми околу недоволниот број на паркинг места и оптоварување на комуналната инфраструктура.

Изградбата на вискокатници на места каде е предвидено да се градат куќи е проблем со кој се соочуваат речиси сите скопски општини. Поради забрзаната урбанизација, се јавуваат проблеми околу недоволниот број на паркинг места и оптоварување на комуналната инфраструктура.

Тому во обид да се стави крај на градежната експанзија, Општина Кисела Вода ја усвои инцијативата поднесена од граѓани во рамки на проектот „Стоп за урбаната мафија” со која побараа да престане изградбата на згради, на места каде е предвидена изградба на семејни куќи. Според надлежните од оваа скопска општина, со оваа одлука, во општина Кисела Вода, со посебен акцент на Пржино и Црниче, каде ова беше најизразено, брoјот на станбени единици во објекти со намена А1-Семејно домување е ограничен на вкупно четири.

– За да си ја спасиме општината и народот кои со години се угнетувани од урбаната мафија, мора да ѝ зададеме сериозен удар. Јас не се колебам за ова, за криминалот нема место во Кисела Вода и тоа беше мое ветување пред граѓаните, јас не се пазарам со ниту еден инвеститор и ќе се борам заедно да ставиме крај на дивеењето. Усвоена е иницијативата поднесена од граѓани во рамки на проектот „Стоп за урбаната мафија“ со која побараа да престане изградбата на згради, на места каде е предвидена изградба на семејни куќи. Ова значи дека во општина Кисела Вода, со посебен акцент на Пржино и Црниче, каде ова беше најизразено, брoјот на станбени единици во објекти со намена А1-Семејно домување е ограничен на вкупно четири – истакна градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски, на последната седница на Советот на општината, меѓу другото образложил и зошто е потребно сите советници да застанат зад жителите од овој дел на градот кои се потпишале на барањето и ги повикал советниците да гласаат „за“ автентично толкување на 39-те важечки урбанистички планови со кои се бара ограничување на бројот на станбени единици на четири.

– На седницата ги повикав сите советници кои се залагаат за интересот на граѓаните, а не на урбаната мафија да застанат зад жителите од овој дел на градот кои се потпишаа на барањето и да гласаат ЗА автентично толкување на 39-те важечки урбанистички планови со кои се бара ограничување на бројот на станбени единици на четири, да дадат свој придонес во новиот и транспарентен начин на функционирање на локалната самоуправа – информира Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски меѓу другото истакна и дека општинските стручните служби констатирале дека барањето е основано и дека Општината мора да биде еднаква кон сите свои граѓани.

– При разгледување на овие 39 урбанистички планови е констатирано дека во ниту еден од нив, нема јасно дефиниран број на станбени единици со намена А1-семејно домување. Поради ваквата ситуација, на терен се јавува состојба едни граѓани да градат и по 8, 16 или 32 станбени единици со намена А1-семејно домување, додека други само 4 станбени единици. Ваквиот пропуст во урбанистичкото планирање на Општината доведува до злоупотреби од страна на урбаната мафија и наместо куќи за семејно домување, никнуваа стамбени згради со 32 и повеќе станбени единици, со нерешени паркинг места и комунална инфраструктура која не може да го издржи урбаното лудило. Анализата покажа дека вакви објекти најмногу се градени во Црниче и Пржино иако поедини објекти има и во други делови од општината – информираат од Општина Кисела Вода од каде што меѓу другото велат и дека, нов начин на функцинирање на локалната самоуправа е пред се, да обезбеди еднакви услови за сите свои жители. Конкретно, во Кисела Вода да не може да се градат повеќе од 4 станбени едници за намена А1 -куќи за семејно домување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот