Нема најави за бојкот на Собранието, вели Гаши
Нема никакви најави за порадикални мерки, напуштање на Собранието, бојкот од ниту една пратеничка група, вели собранискиот спикер Африм Гаши на брифинг со новинарите.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
-Можам да ви кажам дека од атмосферата што ја има на координација, мојата соработка со сите пратенички групи, дијалогот и соработката се на задоволително ниво. Јас сум задоволен и секогаш им благодарам на координаторите на пратеничките групи за конструктивноста и се обидуваме да бидеме отворени. Не дека нема разлики во начинот како тие ја гледаат работата во Собранието, но досега нема никаква најава за порадикални мерки за напуштање на Собранието, бојкот итн. Се надевам дека така ќе остане, јас ги повикувам да ја продолжиме соработката, знаат дека ја имаат мојата поддршка и отвореност, а таа е уште поголема кон опозицијата отколку кон власта – вели Гаши.
Ова прашање се отвори откако вчера СДСМ ја напушти работната група за Изборниот законик, но и по обвинувањата на политичката партија ЗНАМ дека СДСМ ќе го напушти Собранието, а партискиот лидер Венко Филипче после тоа изјави дека СДСМ не го напушта собранието и дека партијата засега се повлекува само од работната група за Изборниот законик и дека ќе ги искористат сите демократски методи за да не се укине техничката влада.
Собранието вчера попладне го донесе Законот за изменување на Законот за Владата на Република Македонија, по скратена постапка, со кој по одржувањето на следните парламентарни избори ќе се укине техничката (преодната) влада. Таканаречената Пржинска влада беше воведена како ад хок решение за изборите во 2016 година и како механизам што ќе гарантира фер и демократски избори, со вклучување дополнителни министри предложени од опозицијата во 100-те дена пред одржување на изборите.
Седницата беше пролонгирана со паузи и консултации затоа што координаторката на пратеничката група на ДУИ/Европски фронт, Рина Ајдари, побара измените да бидат разгледани на седница на собранискиот Комитет за односи меѓу заедниците и ја напуштија седницата.
Сепак Гаши тврди дека Законот бил донесен според Деловникот и не биле прекршени процедурите.
– Најодговорно тврдам дека вчера собраниската седница се одвиваше по Деловник, не е прекршен ниту еден член од Деловникот. Мислам дека реакциите и процедуралните реагирања на пратениците беа од политичка природа и не би го коментирал тој дел. Што се однесува до процедурата, најодговорно ви тврдам дека законот е донесен во редовна деловничка процедура – вели Гаши.
За законот за пратениците, со којшто се предвидува услов кандидатите да имаат исклучиво македонско државјанство, претседателот рече дека биле предложени повеќе амандмани кои се преведуваат и откако ќе се преведат вели дека ќе се закаже комисиска расправа.


