Некои се вакцинирале и, сепак, се заразиле со коронавирус. Како е можно тоа?

Вакцинација во РС Македонија / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

 Заштитата со вакцината не е стопроцентна, но ако лицето се зарази по вакцинирањето, клиничката слика би требало да биде поблага.

Колку имуни стануваме откако ќе се заразиме со коронавирусот или откако ќе се вакцинираме, е едно од прашањата кои најмногу си ги поставуваме последните месеци. Сè уште не е познато колку трае имунитетот што го пружаат вакцините или дали новите варијанти на вирусот што се појавуваат низ целиот свет ќе станат отпорни на нив и ќе ги направат неефикасни.

Постојат случаи кога лица примиле вакцина против ковид-19, но и покрај тоа се заразиле со коронавирусот. Како е можно тоа?

Тоа може да се случи, но не поради вакцината, туку затоа што вакцината сè уште не развила ефект. Одредено ниво на имуност може да се очекува две недели по првата доза, но тој имунитет нема во целост да биде развиен и нема да спречи развој на болеста. Комплетна ефикасност од вакцината се постигнува 10-14 дена по примањето на втората доза. Заштитата со вакцината не е 100-процентна, но ако лицето се зарази по вакцинирањето, клиничката слика би требало да биде поблага или не би требало да се појават симптоми. Затоа, потребно е да се придржува до сите епидемиолошки мерки и по вакцинирањето.

Ако лицето се зарази со вирусот SARS-COV-2 по примената прва доза од вакцината, колку долго мора да се чека на втората доза од вакцината?

Вакцинација не смее да се спроведува за време на изолацијата, а откако лицето ќе излезе од изолација, може да ја прими и втората доза (периодот помеѓу првата и втората доза не смее да биде пократок од 21, односно 28 дена).

Што точно мора да му нагласите на лекарот пред да ја примите вакцината?

Пред вакцинацијата, лекарот ќе ве праша за сите потребни информации – потребно е да укажете на претходни тешки алергиски реакции или тешка акутна болест/инфекција со висока телесна температура. Лекарот според дадените информации ќе заклучи дали смеете да се вакцинирате со моментално достапните вакцини или е потребно вакцинацијата да ја одложите извесно време.

Дали може вакцината против ковид-19 да ја предизвика самата болест против која се вакцинирам?

Ниту една од одобрените вакцини против ковид-19 во ЕУ, но и сите други вакцини регистрирани во другите земји, не содржи жив вирус кој може да предизвика ковид-19. Тоа значи дека вакцината не може да предизвика инфекција со вирусот SARS-CoV-2.

По правило, за развој на имунитетот (заштита од вирусот што го предизвикува ковид-19), потребно е да поминат неколку недели од вакцинацијата.

Тоа значи дека е можно лицето да биде изложено на вирусот SARS-CoV-2 (контакт со заразено лице) и со него да се зарази непосредно пред или непосредно по вакцинирањето (пред развојот на имунитет) и да развие симптоми на болеста. Можноста за тоа постои, бидејќи имунолошкиот систем немал доволно време за создавање соодветен заштитен одговор на вакцината.

Извор: ordinacija.vecernji.hr

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот