Не се најде мајстор за плочките кај Порта Македонија, трипати ги менуваа и пак се искршени
Три години не може да се најде трајно решение за плочникот кај Порта Македонија, чии плочки откако беа поставени пред шест години потоа уште двапати се менуваа и повторно се изместени, расклатени и искршени.
Препорачано
Уште во 2023 година „Слободен печат“ алармираше за безредието кое владее кај Порта, од каде кој како стигне влегуваше со возило кон плоштадот – од доставувачи до гости во рестораните, како и луѓето кои живеат во зградите на овој простор до каде може да се стигне единствено од влезот низ Порта.
Набргу потоа Град Скопје направи напор да го среди постоечкиот хаос па веднаш после Портата поставија големи жардиниери, поврзани со синџир, кои вработени од Градот го отвораа да ги пропуштат возилата на станарите од зградата која се наоѓа близу плоштадот. Оттогаш таму е поставена и куќичка во која дежураат вработените и не дозволуваат да „се протне“ некој што нема дозвола за минување.
Дури и чуварите се пофалија дека тоа не е сѐ.
Ова е само за почеток. Уште не е сѐ готово. Ќе има и хидраулични столпчиња и плочките ќе се поправат, сѐ ќе се среди. И доставувачите веќе нема да можат како сакаат да влегуваат по цел ден, ако немаат дозвола. Еве и заштитни столпчиња се ставија од страна за да не можат веќе да влегуваат возила и накај страничниот влез на ГТЦ – објасни еден од луѓето што го регулираат влезот и излезот на возила низ Портата.
Хаос кај Порта Македонија, диви таксисти, доставувачи и повторно искршен плочник
Наскоро плочките беа заменети, но ниту чуварите и жардинерите не можеа до крај да ги спречат возилата да не се протнуваат низ овој влез. И конечно Градот се досети дека може и поинаку. Откако по вторпат се заменија искршените плочки, поставија рампа, која се подига само за влез на жителите.
Но, плочките повторно се расклатија и искршија, а од Град Скопје нема одговор дали имаат намера да ги сменат по третпат, но овој пат би било добро работата да биде квалитетно завршена и тие подолго да траат, а туристите да не се сопнуваат од нив секогаш кога сакаат да се сликаат крај Портата.
Веднаш откако раководењето со Скопје го презема Орце Ѓорѓиевски, екипите на „Улици и патишта“ го асфалтираа платото кај вртените скали пред ГТЦ и неуредениот дел пред влезот во зградата „Пелагонија“, кој остана со ситни делови шут уште при обидот да се реконструира фасадата на овој објект.
Како што изјави тогаш градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, потоа требаше да се продолжи и со замена на искршените плочки кај Порта.
Во наредниот период ќе се променат и плочките што се таму искршени, на плоштадот веќе ставивме корпи за отпадоци и клупи. Имаме проект и за фонтаната да се реконструира и да се стабилизираат лежиштата затоа што над 80 проценти од лежиштата се искршени и не се во добра состојба – рече градоначалникот.
Плочките уште стојат искршени.
Реконструкцијата на овој дел од плочникот се изведуваше заедно со реконструкцијата на просторот пред ГТЦ, во мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, а заврши на почетокот на 2020 година. За овој проект беа потрошени околу 33 милиони денари, односно повеќе од половина милион евра од градскиот буџет. Инвеститор беше Град Скопје, а градежните работи ги изведуваше фирмата „Битем“.
Со реконструкцијата наместо стариот, искривен и полн со дупки асфалт, целиот потег, на двата приоди кон плоштадот, беше поплочен со три вида плочки, на површина од околу 5000 метри квадратни. Беа засадени и дрвореди од костени, поставени клупи и соодветно осветлување.


