ВИДЕО | Се размрдаа работите во центарот на Скопје: Ќе заличи пред „Пелагонија“, можеби и фасадата ќе дојде на ред
Можеби конечно откако фасадите на „Пелагонија“не ги решија двајца претходни градоначалници, ќе биде „трета среќа“ за актуелниот прв човек на Скопје. Затоа што, колку и да се уредува околниот простор, залудно ќе биде сѐ додека не се најде решение за фасадите на овие два објекта, кои веднаш ги забележува секој минувач.
Деновиве интензивно се работи и се уредува просторот околу Порта Македонија, кој не беше опфатен со реконструкцијата што ја спроведе ексградоначалникот Петре Шилегов во 2019 година, која се изведуваше на пристапните патеки од главниот влез на ГТЦ и од Порта кон плоштадот „Македонија“.
Препорачано
Станува збор за платото кај вртените скали кај ГТЦ и неуредениот дел пред влезот во зградата „Пелагонија“, кој остана со ситни делови шут уште при обидот да се реконструира фасадата на овој објект, а потоа со години граѓаните преминуваа преку овој комплетно запуштен простор. Откако во изминатите денови се асфалтираше платото пред трговскиот центар, кое беше со оштетен асфалт и дупки, кои при дожд се полнеа со вода и беше тешко за минување пеш, во изминативе два дена со ленти е ограден делот пред „Пелагонија“ и механизацијата е преместена таму.
Овие активности ги спроведува Град Скопје, а како што изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, потоа ќе се продолжи со замена на искршените плочки кај Порта.
Во наредниот период ќе се променат и плочките што се таму искршени, на плоштадот веќе ставивме корпи за отпадоци и клупи. Имаме проект и за фонтаната да се реконструира и да се стабилизираат лежиштата затоа што над 80 проценти од лежиштата се искршени и не се во добра состојба – рече градоначалникот.

„Слободен печат“ уште пред три години објави дека плочките се комплетно искршени и расклатени затоа што никој не го спречува влегувањето со автомобили од кај Порта кон градскиот плоштад, а штета правеа и доставувачите што носеа стока до угостителските објекти.
Набрзо потоа реагираа од Град Скопје, беа заменети плочките и беше поставена рампа за да се спречи влегувањето со возила, освен за станарите што живеат во зградата близу плоштадот и кои немаат друг приод до сопствениот паркинг. За нецела година плочките повторно беа искршени, што говори дека или се лошо поставени или не се соодветни да ја издржат тежината на автомобилите.
Притоа, делот пред Портата беше претворен во див паркинг на таксисти, па и секој друг граѓанин си го оставаше возилото кога имаше потреба накратко да заврши некоја работа.
Никој за ништо не се грижи. Ги сменија плочките и демек воведоа ред. За неколку месеци никому ништо, пак сѐ е искршено. Не се научивме да го чуваме и да го одржуваме тоа што ќе го направиме. Одржувањето е нула, а не е само нешто да се изгради и направи. Погледнете малку понатаму, пред „Пелагонија“ сѐ е распад, па и самата зграда остана без фасада. Ужас еден. А ова со дивите таксисти пред Порта, не знам дали го гледа некој. Имаме ли ние полиција? Имаме ли градска власт?- реагираше скопјанец во нашата редакција.
Потоа очигледно полицијата малку повеќе се ангажираше, па сега таксистите не се секојдневен „декор“ на оваа локација.
За впечатокот за негрижата за овој дел на Скопје да биде комплетен, значително придонесуваат и двете згради во најстрогиот центар на градот што останаа соголени и руинирани, по неуспешниот обид да се преслечат во барокни фасади за да се вклопат во новиот изглед на објектите на градскиот плоштад што беше наметнат со проектот „Скопје 2014“.
Зградите на „Пелагонија“ и на ЕСМ и натаму го нагрдуваат градскиот центар, а на зградата на ЕСМ на горните катови зјаат и дупки без прозорци, што навестува дека и внатрешноста на објектот е во ужасна состојба.
Последната информација од АД ЕСМ беше дека со Град Скопје и Општина Центар барале ново урбанистичко решение за зградата, но се наишло на различни толкувања околу надлежностите. Со оглед на постојната состојба на објектот, очигледно такво решение не е најдено.
Никој не ги довршува фасадите на „Пелагонија“ и на ЕСМ, што „Скопје 2014“ ги соголе
Сега пак, градоначалникот Орце Ѓорѓиевски вели дека планира овие објекти да ѝ ги предаде на довршување на Владата.
Разговаравме веќе со директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата и со претседателот на Владата. Во наредниве неколку денови ќе направиме и една заедничка средба заедно со секторите на градот Скопје да видиме кои се можностите на централната власт и на СОЗР да ја предадеме можноста Владата да интервенира таму – рече Ѓорѓиевски во интервју на телевизија „Канал 5“
Можеби конечно откако фасадите не ги решија двајца претходни градоначалници, ќе биде „трета среќа“ за актуелниот прв човек на Скопје. Затоа што, колку и да се уредува околниот простор, залудно ќе биде сѐ додека не се најде решение за фасадите на овие два објекти, кои веднаш ги забележува секој минувач.


