Никој не ги довршува фасадите на „Пелагонија“ и на ЕСМ, што „Скопје 2014“ ги соголе

ЕВН и Пелагонија зграда / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Од Град Скопје досега не одговорија што се случува и зошто не се завршуваат фасадите на овие две згради. Не одговараат ниту на прашањето кој е надлежен да ги направи фасадите – Градот или сопствениците на објектите.

Две згради во строгиот центар на Скопје останаа соголени со години по неуспешниот обид да се преслечат во барокни фасади за да се вклопат во новиот изглед на објектите на градскиот плоштад што беше наметнат со проектот „Скопје 2014“. Зградите на „Пелагонија“ и на ЕСМ и натаму го нагрдуваат градскиот центар, а ништо не укажува на тоа дека наскоро нешто ќе се промени и дека објектите ќе добијат нови фасади. На зградата на ЕСМ на горните катови зјаат и дупки без прозорци, што навестува дека и внатрешноста на објектот е во ужасна состојба.

Притоа ЕСМ има и нова зграда лоцирана веднаш спроти Старата железничка станица, изградена уште во времето на власта на Никола Груевски, во која вработените не можат да се вселат поради тоа што во текот на градбата биле направени повеќе измени без одобрение, па зградата сѐ уште нема технички прием. Од друга страна, компанијата треба да инвестира и во фасада на старата зграда.

ЕВН зграда / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

 Сите обиди АД ЕСМ да може да ја користи новата зграда и да ја продаде или да ја отстапи старата, за жал, не вродија со плод. И покрај повеќето најави дека настаната правна состојба може да се реши, сè уште не е разрешена односно новата зграда на АД ЕСМ не може да добие употребна дозвола и не може да се изврши технички прием. Ситуацијата е затекната како проблем уште при промената на власта во 2017 година, а до тоа е дојдено поради необезбедување дозволи за измени во тек на градба во текот на годините додека објектот се градел. Од тие причини, АД ЕСМ е изложен и на трошок за инвестиција во нова зграда што не може да ја користи и на трошок за санирање и уредување на старата зграда во која нема соодветни услови за работа внатре, ниту соодветна фасада и изглед од надвор – велат од компанијата.

Оттаму додаваат дека Град Скопје, Општина Центар и АД ЕСМ барале ново урбанистичко решение за зградата, но се наишло на различни толкувања околу надлежностите.

 Во моментот АД ЕСМ, Министерството за транспорт и врски и другите надлежни субјекти се во фаза на изнаоѓање решение за ставање во употреба на новата зграда – велат од ЕСМ.

Одговорот од ЕСМ говори дека во овој момент приоритет на компанијата не е обновување на фасадата на објектот лоциран на градскиот плоштад, веднаш пред Градски трговски центар.

ЕВН зграда / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Од Град Скопје досега не одговорија, иако побаравме објаснување што се случува и зошто не се завршуваат фасадите на овие две згради. Не одговараат ниту на прашањето кој е надлежен да ги направи фасадите – Градот или сопствениците на објектите.

За барокна фасада на „Пелагонија“ требаше да се потрошат околу два милиони евра, но ексградоначалникот Петре Шилегов не потпиша таков договор и го запре барокното „преслекување“ на објектот. Во меѓувреме од зградата беа тргнати скелињата, сега нема никаква заштита на започнатата и недовршена фасада, на неа стрчат само прозорците подиздадени нанадвор и така, препуштена на сите временски услови, сериозно станува небезбедна за граѓаните што минуваат под неа.

Пелагонија зграда / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

И последната информација за тоа што се презема околу овој објект датира од времето на Шилегов, кога тој објасни дека повеќе од една година се вршат преписки со сопственикот на објектот „Д-р Пановски“ бидејќи според договорот со Градот, фирмата требало да предложи член на комисијата што ќе распише конкурс за идејно решение. Потоа ништо повеќе не беше ниту соопштено, ниту преземено, како сите да заборавија на овој објект.

Обновувањето на фасадата на зградата на „Пелагонија“ почна во 2015 година, кога тогашниот градоначалник Коце Трајановски склучи договор со „ЛСГ Билдинг солушнс“ од Скопје. Идејата за менување на фасадите датира од почетокот на реализацијата на проектот „Скопје 2014“, но на првиот тендер за избор на идејно решение на зградата на „Пелагонија“ во 2011 година никој не се јавил. На вториот конкурс спроведен истата година првонаградено беше идејното решение на Лазар Димов и Никола Стакинов. Во 2014 година во реконструкцијата на оваа фасада се вклучи и фирмата која е сопственик на зградата „Д-р Пановски“, но досега нема никаква реализација.

Пелагонија зграда / Фото: ”Слободен печат” – Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот