Фото: ГФК Охрид

Не сакаат да ризикуваат: Tри клуба ги откажаа закажаните натпревари против Охрид

Екипата на ГФК Охрид која се најде под сериозни сомнежи за нерегуларности на натпреварот против Работнички, загубен со убедливи 8-2 е главна тема денеска во фудбалската јавност.

По информациите кои се појавија во јавноста за нерегуларностите три клуба кои имаа закажани пријателски натпевари со тимот од Охрид ги откажаа средбите. Во прашање се Новаци, Арсими и Тетекс, кои преку официјални соопштенија ја информираа јавноста за својата одлука.

„Фудбалскиот клуб ФК Новаци ја известува јавноста дека ја откажува пријателската утакмица закажана за 14.02.2026г. против ГФК Охрид, поради сериозни сомнежи поврзани со регуларноста на неодамнешен натпревар одигран од спротивната страна. Настаните од изминатите денови, како и информациите кои излегоа во јавноста, оставаат простор за оправдана загриженост и ја доведуваат во прашање спортската чесност која треба да биде основа на секој фудбалски натпревар. ФК Новаци нема намера да биде дел од активности или натпревари кои на било кој начин го компромитираат интегритетот на фудбалот, ниту пак да дава легитимитет на практики што се спротивни на принципите на фер-плеј и спортски морал. Во интерес на зачувување на угледот на клубот, нашите играчи, навивачи и пошироката фудбалска јавност, сметаме дека откажувањето на оваа пријателска средба е единствено исправна и одговорна одлука. ФК Новаци ќе продолжи да се залага за чист, чесен и транспарентен фудбал. Со почит, ФК Новаци“

Слична позиција зазеде и тимот од Чегране, кој исто така одлучи да го откаже дуелот со охриѓани.

„Фудбалскиот клуб ФК Арсими 1973 ја информира јавноста дека донесе одлука за откажување на пријателскиот натпревар кој беше планиран да се одигра против ГФК Охрид. Оваа одлука е донесена како резултат на појавата и циркулацијата на неодамнешни информации во јавноста, кои се однесуваат на сомнежи поврзани со интегритетот на еден пријателски натпревар одигран од противничкиот тим. Со цел да го зачуваме интегритетот на нашиот клуб, да ги почитуваме принципите на фер-плеј, чесна и транспарентна конкуренција, како и да придонесеме кон стабилноста и кредибилитетот на фудбалот во државата, ФК Арсими 1973 смета дека во вакви околности не е соодветно да се учествува на натпревари кои би можеле да остават простор за сомнеж или погрешна перцепција во јавноста. Ја подржиме Фудбалската Федерација на Македонија која континуирано вложува напори во зачувување на интегритетот, регуларноста и транспарентноста на натпреварувањата, како и во борбата против сите појави што можат да го нарушат угледот на фудбалот. Оваа одлука не претставува обвинување или предвремено донесување заклучоци кон кој било субјект, туку е принципиелен и одговорен став насочен кон заштита на угледот, имиџот и вредностите на нашиот клуб. Ви благодариме на разбирањето. Со почит, ФК Арсими 1973“

Последен кој се откажа беше тетовски Тетекс кој од иста причина се одлучи да не го игра натпреварот.

„ФК Тетекс информира дека одлучи да не го одигра планираниот контролен натпревар со ГФК Охрид, кој е закажан за 28.01.2026 година. Одлуката е донесена по интерна анализа и сериозно разгледување на околностите што во последниот период ја вознемирија фудбалската јавност, а кои се поврзуваат со активности во кои е вклучен ГФК Охрид. Во вакви услови, клубот смета дека не постојат неопходните предуслови за нормална спортска соработка.

ФК Тетекс како клуб со јасен став и принципи не може да си дозволи учество во натпревари кои, дури и индиректно, можат да остават простор за сомнеж во регуларноста и спортската етика. Оваа одлука е донесена исклучиво во интерес на заштита на угледот на ФК Тетекс, нашите фудбалери, навивачи и фудбалот во целина“, стои во соопштението на тетовскиот клуб.

Можна местенка во македонскиот фудбал, Работнички се огласи по сомнителниот резултат со Охрид

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот