Не може да го прежали Кили: Ана Костовска на уникатен начин покажа колку биле блиски
Актерката Ана Костовска на многу емотивен и уникатен начин покажа колку жали по нејзиниот другар и колега Кирил Поп Христов-Кили, кој почина на 11 март во Еквадор, каде што живееше од 2014 година.
Препорачано
Костовска ја смени профилната слика со фотографија од Кили на неговиот велосипед, сликана во населбата каде што живееше. Сликата остана неколку дена како профилна на Ана, која му беше блиска на Кили и често настапуваа заедно.
„Златен човек, единствен“, се дел од коментарите под фотографијата.
Костовска, брзо по смртта на пријателот, објави кусо видео од Кили како свири на клавијатури во домашна атмосфера, еден од нивните заеднички креативни моменти што ги поврзуваа.
„Драга Ана, искрено сочувство за твојот сакан другар! Останува во нашите мисли како свој, автентичен и многу шармантен! Вечнаја памјат!“, стои во еден коментар под видеото.
Костовска е главен вокал на култната група од осумдесеттите „Бастион“, а во текот на кариерата соработувала со Кирил Џајковски, Милчо Манчевски, Влатко Стефановски, Драгиша Солдатовиќ – Лабиш и други.
Во 1985 година дипломирала на Факултетот за драмски уметности – Скопје, при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, во класата на проф. Владимир Милчин. Веднаш по дипломирањето ѝ се приклучила на трупата К.П.Г.Т. на режисерот Љубиша Ристиќ, каде го усовршувала својот актерски занает со врвни југословенски театарски творци. Во 1995 година се сели во Белград, каде продолжува да работи како актерка, а во 2001 година се враќа во Скопје.
Од 2007 година е вработена во Драмски театар Скопје.


