Не можам да те посетам, но можам да те видам и да те слушнам

Front view of a female doctor using digital tablet and showing something to a senior man sitting on bedroom at home,Image: 439169310, License: Rights-managed, Restrictions: , Model Release: yes, Credit line: Wavebreak Media LTD / Wavebreak / Profimedia

Пандемијата со коронавирусот дополнително ја влоши психичката состојба на пациентите во старските домови, затоа што посетите се забранети. Овие пациенти и без коронакризата поминуваат низ тежок период во сите фази на болеста и третманот во геријатриските специјализирани болници, но социјалната изолација, односно неможноста во нивните соби да се појават нивните внуци и деца, последниве три месеци претставуваше огромен проблем, како за вработените во болниците, така и за пациентите и за нивните блиски.

Министерството за здравство препорача да се исклучат посетите од животот на специјализираните болници за геријатриска и за палијативна медицина, зашто тоа е добра практика во светот од аспект на заштита на оваа ранлива група граѓани со имунокомпромитирачки состојби. Дополнително, сценаријата од развиените европски земји, покажаа дека доколку коронавирусот влезе во геријатриските установи, опасноста е огромна од смртен исход. Така, забраната за посети се сметаше за помалото од двете зла, но предизвика тага кај пациентиете и чувство на беспомошност.

Но, болниците за геријатриска и палијативна медицина во земјава со сите сили се борат да го надминат предизвикот што ковид-19 го наметна. Така, во болницата ,,13 Ноември” со месеци се спроведува проектот ,,Не можам да те посетам, но можам да те видам и да те слушнам”.

– Одеднаш се појави нов проблем за сите нас-прекинот на посетите помеѓу пациентите и нивните најблиски, што дополнително ја влоши психичката состојба на нашите пациенти. Останувањето поврзан со најблиските за време на изолација може да биде од витално значење за здравјето. Чувството на осаменост може да влијае негативно на менталното здравје, што директно може да влијае на физичкото здравје. Социјалното исклучување е главен стрес за организмот, за кое се вели дека е штетно еквивалентно на пушење 15 цигари секој ден, објаснува за „Слободен печат“ Јорданчо Јосифов, специјалист по социјална работа во здравството.

Тој додава дека сепак, со денешната технологија социјалното растојание не мора да значи социјална изолација.

– Нашите пациенти во болницата „13 Ноември” по претходна дозвола и договор со доктор, се слушаат и се гледаат преку видео врска со своите најблиски преку таблети, кои ние социјалните работници и психологот им ги носиме во собите и им помагаме повикот да се реализира. Проектот овозможува продолжување на комуникацијата помеѓу пациентот и неговите најблиски во услови на пандемија со ковид-19, на еден многу безбеден и сигурен начин што е многу битна придобивка кога се работи во вакви специфични услови и за ваква целна група. Нашите пациенти реално поминуваат низ тежок период, во сите фази на болеста и третманот кај нас, со проектот добиваат медиум преку кој ќе ја обноват и засилат својата поврзаност со надворешниот свет и квалитативно и квантитативно. Семејствата на нашите пациенти кои се спречени да ги посетуваат своите најблиски, ќе ја обноват, засилат квалитативно и квантитативно својата поврзаност со нив, вели Јосифов.

На ваков начин, здравствените соработници, социјалните работници и психологот добиле прилика да понудат психосоцијална поддршка на пациентите и на нивните семејства, на еден креативен и технолошки поквалитетен начин, кој поради наметнатите рестриктивни мерки е неопходен и потребен.

– Ние социјалните работници секојдневно споделуваме со нашите пациенти и нивните семејства болка, тага, надеж и утеха, за ден без болка за насмевка на лице, со желба да им го олесниме престојот кај нас. Со овој проект ние станавме мост, медиум преку кој се одржува емотивна блискост и поврзаност меѓу пациентите и нивните најблиски. Кога нашите пациенти знаат дека може да го видат новиот уметнички проект на внучето, да го слушнат нивното смеење, или да знаат дека едноставно ќе бидат во присуство на нивното семејство макар и виртуелно, нивниот дух се подигнува. Секој повик е емотивен но и среќен истовремено за сите нас. За пациентите бидејќи им ја враќа надежта и утехата дека не се заборавени, на нивните најблиски дека ги виделе и слушнале преку видео врска а нас професионално и лично не исполнува бидејќи им го овозможуваме сето ова. Уште еден предизвик е надминат, констатираат социјалните работници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот