Не фрлајте петарди: Трауматизираните животни може да доживеат срцев удар од страв

Фото: Pexels/Leah Kelley

Новогодишните и божиќните празници треба да бидат време на радост, но често се претвораат во вистински кошмар за сопствениците на домашни миленици. Благодарение на грубите и невнимателни луѓе кои фрлаат петарди како да се работи за некоја посебна сензација, животните се трауматизирани и дури може да доживеат срцев удар од страв. Затоа апелирајте до луѓето околу вас да не фрлаат петарди бидејќи има многу подобри и побезбедни начини да ја дочекате Новата година.

Времето на новогодишните празници и зимската забава со петарди и огномети е и време кога најчесто се губат домашните миленици. Затоа, треба да обрнете посебно внимание и да не ги пуштате кучињата од поводникот неколку дена додека не помине опасноста. Следниве неколку совети ќе ви помогнат да ја осигурате безбедноста на вашето домашно милениче.

За мачки

– Чувајте ја вашата мачка во станот/куќата и не дозволувајте ѝ да излезе надвор.

– Затворете ги сите прозорци и навлечете ги завесите, а во периодот кога се слушаат петарди или огномет, засилете ја музиката или вклучете го телевизорот, за звуците што доаѓаат однадвор да бидат помалку чујни.

– Пуштете ја да побара засолниште во некој скриен агол од куќата ако тоа го сака – под креветот, зад каучот или плакарот. Не обидувајте се да ја намамите надвор и никогаш не преместувајте го мебелот за да дојдете до неа, бидејќи тоа може да предизвика само поголем стрес. Оставете ја мачката да се сокрие, а таа сама ќе излезе од своето засолниште кога ќе процени дека нема „опасност“.

– Доколку планирате да ја дочекате Новата година надвор од дома, оставете го домашното милениче во делот од куќата во кој е безбеднo, затворете ги сите прозорци, навлечете ги завесите и оставете го вклучен телевизорот или радиото, за надворешна бучава да се слуша што е можно помалку.

За кучиња

– Обезбедете му на вашето домашно милениче прошетка и рекреација во текот на денот. Избегнувајте да го пуштате без поводник.

– Никогаш немојте да го шетате кучето во време кога надвор ќе слушнете петарди или звук на огномет. Многу кучиња се мошне исплашени од овие звуци и во паника може да се отргнат од поводникот, да побегнат и да се изгубат. Ова е најчестиот начин да изгубите домашно милениче за време на новогодишните празници.

– Не го оставајте вашето куче само надвор без надзор, дури и ако дворот е добро ограден, а кучето врзано. Животното може да се испаничи, да го искине синџирот и да побегне или може да се повреди или да се задуши ако се заплетка во синџирот.

– Исто како и во случајот со мачките, затворете ги сите прозорци и навлечете ги завесите, а во периодот кога се слушаат петарди и огномети, засилете ја музиката или вклучете го телевизорот, за звуците што доаѓаат од надвор да бидат помалку чујни.

– Дозволете му на кучето да побара засолниште под креветот или во аголот на собата доколку сака.

– Ако вашето куче е особено склоно на стрес поради бучавата предизвикана од петарди и огномети, разговарајте со вашиот ветеринар за можности за седација. Никогаш не давајте на вашето домашно милениче седативи (како и други лекови) на своја рака, без претходно да се консултирате со ветеринар!

– Доколку планирате да ја дочекате Новата година надвор од домот, оставете го домашното милениче во безбеден дел од куќата, затворете ги сите прозорци, навлечете ги завесите и оставете го вклучен телевизорот или радиото, за надворешната бучава да се слуша што е можно помалку.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот