Нè чека ли пролетно „расцутување“ на инфлацијата? Одмрзнати цени, намалени енергетски субвенции, поскап бензин

Гарантирани цени во маркети / Фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Трговците се обидуваат да го спасат прометот со масовни акции, но зголемената понуда на намалени цени на производите со кус рок на траење, покажува дека граѓаните сè помалку трошат за храна, бидејќи немаат. До 1 јули годинава ќе има субвенција од Владата за цената на струјата, но што понатаму?!

Граѓаните се загрижени од претстојното одмрзнување на цените на храната, намалените енергетски субвенции и постојаниот, иако благ пораст на дериватите и со право се прашуваат дали е можно ново откачување на инфлаторната спирала?

Цените на дел од храната ќе бидат замрзнати уште девет дена, бидејќи односната пакет-мерка завршува на 29 февруари, а засега нема сигнали за нејзино продолжување, информираат за „Слободен печат“ од Министерството за економија. Ограничувањето на цените стартуваше лани во ноември, па се продолжуваше уште трипати и тоа за оризот, брашното, лебот и другите пекарски производи, бисквитите, наполитанките, тестенините, месото и производите од месо, млекото, јајцата, сирењето, кашкавалот и другите млечни производи, како и овошјето и зеленчукот.

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, во трговијата на мало во последниот лански месец, во споредба со декември 2022 година, има номинално зголемување на прометот во трговијата на мало со храна, пијалаци и тутун, и тоа за 2,5 отсто и реален пад од 4 отсто. Трговците се обидуваат да го спасат прометот со масовни акции, но зголемената понуда на намалени цени на производите со кус рок на траење, покажува дека граѓаните сè помалку трошат за храна, бидејќи немаат. За нив и покрај замрзнувањата, прескапи останаа месото, сувомесните и млечните производи, а големи реакции има и за драстично поскапените хемиски производи. Сега сите надежи за построга регулација на цените се вперени во законот за нефер практики, кој не дава можност за злоупотреби од страна на трговците.

– Состојбата со цените се следи, Законот за нефер трговски практики е веќе во собраниска процедура, почната е расправа по комисиските тела со европско знаменце. Од Владата досега не е пристигнат поинаков предлог – велат од МЕ.

Освен можноста за нови поскапувања на храната, граѓаните се думаат и како ќе се справат со идните сметки за струја, доколку престанат владините субвенции? Стравувањата се подгреваат откако пристигнаа јануарските фактури, каде што може да се види дека државната субвенција се намалила за 10 отсто ( од 91,5 на 82,4 отсто), а веќе се пресметува и новиот трошок од 200 денари за пристап до мрежа.

Во средината на јануари, министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека до 1 јули годинава, ќе има субвенција од Владата директно преку ЕСМ со утврдување на нивната цена со која се продава електричната енергија, но што понатаму?!

– Како Влада секако дека субвенциите ги даваме индиректно преку работењето на ЕСМ со утврдување на цената на ЕСМ што ја нуди за универзалниот снабдувач и така ќе продолжиме до средина на оваа година кога треба да се донесе и новата одлука за цената на ЕСМ што ќе ја дава до универзалниот снабдувач што е и снабдувач за сите домаќинства и мали потрошувачи. Ова значи дека до 1 јули ќе има субвенција од Владата директно преку ЕСМ со утврдување на нивната цена со која се продава електричната енергија – рече Бектеши.

Во јануарските сметки за топлинска енергија повторно може да се прочита владината помош, но и тоа е неизвесно до кога ќе трае.
Од почетокот на јануари, цените на нафтата на светските берзи се во благ, но постојан раст, најмногу погодени од тензиите во Црвеното Море. Последните поскапувања го дотераа дизелот до над 80 денари за литар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот