Не барајте Ал Капоне во обичниот народ!
Во борба со сивата економија не се тргнува вака. Се тргнува професионално, се тргнува систематски и со знаење. Прво УЈП нека го среди големиот криминал, нека направи беспрекорен систем што функционира, па потоа нека вежба мускули. Вака, не оди!
Повеќе од 100 години талка духот на Ал Капоне како синоним на еден од најголемите мафијаши што некогаш живееле на планетава. Со криминал се стекнал со огромни пари, крваво се пресметувал со други мафијашки групи, поврзан е со многу убиства, но за ништо од тоа не завршил зад решетки – туку за неплатен данок.
Препорачано
До ден-денес данокот се смета за нешто свето во која било држава, затоа што ниту една држава без наплата на данок не може да функционира. Но прашање е каков е тој данок, кој го плаќа, кој не го плаќа, дали е праведен, како функционира системот на наплата?
Сивата економија во Македонија е фрапантни 30 проценти од бруто-домашниот производ, Тоа јасно покажува дека многумина се протнале под даночниот систем. Оваа Влада објави дека со сите сили ќе се бори против сивата економија. Почна „ловот на вештерки“. Но, како се врши тоа? Со брутално насилна наплата на даноци, каде покрај сувото гори и суровото. Тоа е пострашно и од самото неплаќање даноци. Се извадија даночни решенија од пред пет години, затоа што е таков рокот на застарување. И тоа не е нешто против кое треба да се плука. Она што загрижува е какви решенија се извадија, какви докази сега се бараат, и зошто никој, ама баш никој во тој период не ги прозвал должниците.
Управата за јавни приходи (УЈП) си има свое оправдување. Директорката Елена Петрова на прес-конференција рече: „Целата активност што ја спроведовме е многу голема. Се работи за податоци што во УЈП пристигнувале од банките за кои во УЈП не бил воспоставен соодветен систем за нивно континуирано и навремено анализирање“.
Е сега, како може никој да не биде виновен што системот во УЈП не функционирал, а да се најдат за виновни илјадници граѓани? Во УЈП и за ова имаат спремен одговор. И нема што, легитимен е! Според регулативата, важи принципот на самооданочување. Тоа значи дека должникот треба да си го пријави и утврди данокот, и тоа е привремено, а конечното оданочување стигнува од УЈП.
Но, што на пример со оние што имале решенија дека данокот е платен во друга држава и, како што тврдат, дури и прашувале во УЈП што да прават, а своевремено добиле одговор „ништо“. Веќе подолг период УЈП ги изготвува даночните решенија, а граѓаните имаат обврска да ги потврдат или да ги коригираат. Износите од овие даночни решенија што сега во налет ги испраќа УЈП ги нема никаде во тие даночни решенија, затоа што, како што призна УЈП – „системот не функционирал“. Но, затоа на УЈП му останува аргументот „самооданочливост“.
А кои аргументи им остануваат на граѓаните? Да донесат потврда од даночно одделение, на пример, на Ирак од пред пет години?! Кој кого овде прави будала? Како може да не се признаваат потврди за платен данок издадени од американски компании, со сите податоци за евентуални проверки на тие компании!? Како може да се оданочува алиментација од странство? УЈП тврди дека такво нешто нема, но граѓани громогласно тврдат дека такво нешто им се случува. На пример, да се оданочуваат и патни трошоци, иако според закон тие не се оданочуваат.
Ова не е борба против сивата економија. Ова е хаос. Хаос во кој многумина спиеле на уво. Хаос во кој државата воопшто не се ни грижела да наплати данок. Хаос во кој УЈП повторно нема поим што прави. И, што е најстрашно, граѓаните имаат право да водат спор, ама тоа не го одложува плаќањето на данокот.
Во борба со сивата економија не се тргнува вака. Се тргнува професионално, се тргнува систематски и системски. Не се бара Ал Капоне во обичниот народ. Прво УЈП нека го среди големиот криминал, нека направи беспрекорен систем што функционира, па потоа нека вежба мускули. Вака, не оди!


