Научниците на различни начини се обидуваат да дознаат од каде точно тргна коронавирусот

Фото: Профимедиа

Додека бројот на нови случаи на коронавирусот се зголемува ширум светот, сите очи се вперени на пазарот за морска храна во кинескиот град Вухан, кој се верува дека изворот на заразата.

Но, описот на првите клинички случаи објавени во медицинскиот журнал „The Lancet“ фрла сомнеж на оваа хипотеза.

Научниот труд, кој го напиша голема група на кинески истражувачи од неколку институции, нуди детали за првите 41 хоспитализирани лица, кои се заразени со она што се нарекува „2019 нов коронавирус“ (2019-nCoV). Во привот случај, пациент се разболел на 1 декември 2019 година, и немал никаква врска со пазарот за морска храна, пишуваат авторите на истражувањето.

– Не е пронајдена епидемиолошка врска меѓу првиот пациент и понатамошните случаи – пишуваат тие.

Нивните податоци исто така покажуваат дека вкупно 13 од 41 тогаш заразени лица немаат никаква врска со пазарот.

– Тоа е голема бројка, 13, оние кои немаат врска – вели Данијел Луси, специјалист за инфективни болести од Универзитетот Џорџтаун.

Претходните извештаи на кинеските здравствени власти и на Светската здравствена организација (СЗО) велат дека првиот пациент почувствувал симптоми на 8 декември 2019 година, и во нив се наведува едноставно дека „поголемиот“ дел од случаите имаат врска со пазарот, кој е затворен на 1 јануари.

Луси тврди дека, ако се точни новите податоци, првите инфекции на луѓето мора да се случиле во ноември 2019 година, ако не и претходно, бидејќи постои период на инкубација меѓу времето на инфекција и појавата на симптомите. Ако е така, веројатно вирусот се ширел тивко меѓу луѓето во Вухан, а можеби и на други локации, пред големиот број на случаи кои се јавија во врска со сега познатиот пазар за морска храна во Вухан.

– Вирусот стигнал на пазарот пред да успее да излезе од него – тврди Луси.

Податоците од истражувањето објавено во „The Lancet“ исто така го доведува во фокус прашањето за точноста на првите податоци кои Кина ги објави, вели Луси. На почетокот на епидемијата, главен извор за информирање беа соопштенијата од Општинската здравствена комисија на Вухан. Нејзините соопштенија на 11 јануари почнуваат да се однесуваат на 41 заболено лице, како и единствени потврдени случаи, и оваа информација не се менувала до 18 јануари.

Во соопштенијата не е назначено дека пазарот е извор на заразата, но повеќе пати се повторува дека нема докази за пренесување на вирусот од човеок на човек, и дека поголемиот дел од случаите се поврзани со пазарот.

Бидејќи Комисијата забележала дека тестовите покажуваат оти до 10 јануари е потврдено дека се заразени 41 лица, а официјалните лица, се претпоставува дека ја знаеле историјата на болеста на секој пациент, „Кина мора да сфатила дека епидемијата не започнала на пазарот“, вели Луси за „СајенсИнсајдер“.

Кристијан Андерсен, еволутивен биолог од Истражувачкиот институт „Scripps“, кој ја анализирал стурктурата на коронавирусот од Вухан, обидувајќи се да го разјасни неговото потекло, вели дека податокот за заразата на 1 декември е „интересен детал“ во истражувањето објавено во „The Lancet“.

– Сценариотo во кое некој се заразил надвор од пазарот и подоцна го донел вирусот на пазарот е едно од трите сценарија кои ги разгледувавме, а кои се во склад со податоците кои ги поседуваме. Потполно е можно имајќи го во предвид она што сега го знаеме – влеи Андерсен.

Другите две сценарија се: изворот да е група на заразени животни или едно заразено животно на пазарот.

Андерсен го објави своето истражување за 27-те можни геноми на 2019-nCoV вирусот на 25 јануари. Тој претпоставува дека тие имале „заеднички извор“ некаде околу 1 октомври 2019 година.

Понатамошните анализи на крвта од заразените луѓе и животни, вклучувајќи ги и останатите продавачи на пазарот, може да дадат јасна слика за тоа каде се појавил 2019-nCoV, велат експертите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот