Научниците открија: Колку и какви луѓе се потребни за да се основа колонија на Марс

Фото: Pxfuel

Револуционерна студија сугерира дека успешна колонија на Марс може да се одржи со само 22 внимателно избрани поединци, нагласувајќи ја клучната улога што типовите на личности ја играат во успехот на идните мисии во вселената.

Фото: Flickr

Неодамнешната студија спроведена од тим американски научници тврди дека успешна колонија на Марс можат да одржат само 22 луѓе. Откритието ја доведува во прашање претходно проценетата минимална почетна големина на населението од 110 луѓе за успешна колонија на Марс. Истражувањето ја нагласува важноста не само на бројот на поединци, туку и на вистинската комбинација на типови на личности за долгорочен успех во изолираната средина на Марс.

Додека мисија со екипаж на Марс се чини сè поверојатна во блиска иднина, одржливоста на долгорочна колонија или база останува неизвесна, со бројни предизвици што треба да се совладат, пишува „Саенс алерт“ (Science Alert).

Што сè ова истражување земало предвид

Научниците забележале дека идните колонисти на Марс ќе зависат од снабдувањето и основните ресурси од Земјата, потпирајќи се на технологијата за извлекување кислород од водата на Марс и производство на водород за гориво. Дополнително, тие ја истакнале важноста од разбирањето на бихевиоралните и психолошките интеракции помеѓу колонистите на Марс преку пристап за моделирање засновано на агентите (симулација на AБM).

Ова моделирање, кое вообичаено се користи во здравствените и економските истражувања, вклучува компјутерски симулации за проучување на интеракциите на „агентите“ на автономно одлучување во системот. Студијата вклучила и четири типа на личности во нивното моделирање: пријатна, дружељубива, реактивна и невротична личност, секоја со специфични карактеристики. Разгледани биле и вештините на управување и инжинеринг, како и други фактори како што се достапноста на ресурсите и меѓучовечките односи.

Анализирани искуства од Антарктикот, подморниците и Меѓународната вселенска станица

За да добијат увид во предизвиците и стимулансите на изолираните средини со висок стрес, американскиот тим ги анализирал човечките искуства на места како што се Антарктикот, подморниците и Меѓународната вселенска станица (ИСС).

Авторите на студијата спровеле пет модели на студии во период од 28 години, менувајќи ја почетната големина на популацијата од 10 до 170 во чекори од по 10 лица. Поради неопходноста од исполнување на критичните задачи како што се производството на воздух, вода и храна, отстранување на отпад и опоравување од несреќи, големината на населението од 10 била одредена како апсолутен минимум за стабилна колонија. Секој почетен сет на население вклучувал и еднаков број на секој тип на личност.

Фото: Профимедиа

Тип на личност што се покажал како најотпорен

По 28 години, утврдено е дека минимална почетна популација од 22 лица е потребна за да се одржи популација од повеќе од 10 единки. Меѓутоа, студијата ја истакнала значајната улога на типовите на личности во овој исход.

Во сите испитувања, тип на личност на пријатни личности бил единствениот што го преживеал целото траење на тестирањето на моделот, забележале авторите на студијата. Оваа издржливост, отпорност се припишува на нивната висока способност за справување, развиена преку изложеност на стресни интеракции и незгоди.

Спротивно на тоа, откриено е дека невротичните типови на личност се проблем во симулацијата, што предизвикува опаѓање на популацијата. Нивната повисока стапка на смртност барала нивно намалување со цел да се стабилизира остатокот од населението.

НАСА веќе спроведува проценки на личноста на астронаутите

За среќа, НАСА веќе ги вклучува проценките на личноста во својот процес на селекција на астронаути, усогласувајќи се со важноста да се земе предвид човечкиот фактор во планирањето на мисијата.

Според тоа, наведеното истражување ја нагласува клучната улога којашто луѓето ја играат во успехот на мисиите на Марс и можните идни колонии.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот