Наставниците по „Етика во религиите“ бараат да бидат вклучени во образовните реформи

Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Наставниците по предметот „Етика во религиите“, кој во основното образование е застапен како изборен предмет во 6-то одделение, страуваат дека со новите реформи може да дојде до укинување на изборните предмети и испратија реакција до МОН, барајќи вклученост во новата концепција. 

„Предметот „Етика во религиите“ во чија што основа лежи етиката, а не систематско изучување на догмите и правилата во религиите, има педагошки карактер. Проучувањето на етиката во различните религиски култури и традиции врз кои се потпира нашето современо општество, наидува на крајно позитивен прием не само од страна на учениците, туку и од нивните родители. Самите наставни содржини влијаат врз воспитанието на учениците, ги формира и зајакнува нивните личности за постигнување на зрелост и интегрирање во современото општество, ги учи дека сите се еднакви, ги опфаќа сите аспекти поврзани со човековите права и вредности на недискриминација, отвореност, градење на личноста во духот на слободата и еднаквост. Меѓу другото, како особено важно го истакнуваме фактот дека религиското етичко образование во различна форма е присутно во сите земји на Европската Унија, кои веќе многу пред нас почиваат врз принципите на секуларноста и демократското уредување на своите стабилни општества“, се вели во нивната реакција. 

Тие сметаат и дека преку предметот „Етика во религиите“ ефикасно ќе учествуваат во тој воспитен процес на нашето мултикултурно општество, во кое не смеат да постојат предрасуди и поделби по никој основ, што всушност е и содржина и цел на самиот предмет.

„Токму ова ги прави специјалистите по настава на религиско образование компетентен и соодветен кадар по однос на овие сензитивни, а важни во нашето општество состојби, зашто нестручноста и некомпетентноста може да иницира негативни пристапи во процесот на воспитание на децата, а непознавањето на сопствената култура и традиција, како и онаа на другиот, да предизвика непочитување, нетолеранција и дискриминација по однос на различностите кои се јавуваат помеѓу припадниците на различните етникуми, верски заедници и групи во нашата земја. Истакнуваме дека преку етичките примери што нашите наставници ги ползуваат, учениците се поттикнуваат кон конструктивно самокритично набљудување, продуктивно учење на сите наставни предмети, беспрекорна почит кон сите наставници, послушност кон родителите и грижа за нив, како и соработка со сите чинители важни за нивниот раст и развој како високо лојални личности корисни за своето општество“, се додава во реакцијата. 

Овие наставици додаваат и дека во воспитно-образовниот процес, најголем дел од предметите се однесуваат на науката, додека предметот Етика во религиите е целосно посветен на воспитувањето на младиот човек.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот