Наставници со креативни идеи за онлајн настава: Виртуелни тури во зоолошки и музеи, гледање драми (ВИДЕО)

Креативни наставници има и во Македонија. Пример е наставничката Георгина Димова која предава информатика во основно училиште во Неготино. За нејзините часови се вели дека се доста интерактивни и интересни, најмногу поради тоа што таа вирутелно ги поврзува учениците со многу светски познати личности.

Пандемијата на ковид-19 која го погоди целиот свет, наметна ново „нормално“ во сите земји. Во обидот да се одржува физичка и социјална дистанца, како една од мерките за заштита од коронавирусот, луѓето почнаа да функционираат он лајн, да работат и да учат на далечина.

Учењето на далечина Македонија го дочека неподготвено во март, кога во нашата земја беше воведен карантин. Училиштата се затворија, а наставниците, неочекувано, мораа да продолжат да предаваат онлајн. Голем дел од родителите и учениците се жалеа дека он лајн учењето заврши со испраќање материјали и домашни преку електронска пошта и ништо повеќе. Лекции се предаваа на Националната телевизија, но ретко кој ги следеше. Беше подготвена платформа Едуино на која се поставуваа материјали, но и таа не беше од голема помош. Но имаше и наставници кои одлично се снајдоа со онлајн наставата. Училишната година заврши, а сега од октомври, таа повторно ќе почне онлајн за учениците над трето одделение. Но, овојпат, Владата подготви национална он лајн платформа преку која учениците ќе учат и ќе имаат интерактивна комуникација со наставниците.

Министерката за образование, Мила Царовска, при презентацијата на платформата, рече дека платформата ќе биде предизвик за сите.

Еве како ќе изгледа еден час во живо на новата национална платформа оваа учебна година (ФОТО)

– Националната платформа е многу повеќе од подобра замена за традиционалното учење. Наставникот ќе може да ги користи сите видео и аудиоматеријали од платформата. Ќе има квизови и брзи тестови, кои ќе бидат поставени на платформата. Учениците директно ќе се вклучуваат во доградување на платформата за да ја адаптираат на своите потреби. Платформата е преведена на сите наставни јазици. За користење на платформата најпрво се обучија 30 обучувачи од голем дел од општините од нашата држава. Обуката се изведува на три наставни јазици, а  веќе обучените лица ќе ги обучат и сите наставници на ниво на поединечни училишта – изјави Царовска.

Како наставниците да им го задржат вниманието на учениците на далечина?

Дилемата која сега се наметнува е дали учениците ќе ја следат наставата со истото внимание со кое ја следат со физичко присуство, односно, дали наставниците ќе успеат да им го задржат вниманието пред компјутерите?

Двајца креативни наставници од Исланд, кои  преку насмевка и неконвенционални методи спроведуваат он лајн настава, успеваат да им го задржат вниманието на децата без поголеми проблеми. Тие се снимиле себеси како носат перики, зборувајќи на смешен акцент, на тој начин одржувајќи и забавен, но истовремено и едукативен час по граматика на своите ученици.

Друга наставничка во основно училиште од Исланд, учениците од петто одделение ги носи на виртуелни тури во светски познати зоолошки градини, музеи, па на тој начин ги прави часовите по историја уште поинтересни за своите деца.

– Ни требаше начин да го направиме ова интересно, бидејќи целото искуство со пандемијата беше предизвик за сите нас – посебно за децата. Ние размислувавме за тоа дека преку забава ќе можеме да го направиме он лајн учењето поуспешно и попродуктивно, што на крај се покажа како точно – вели наставникот Никол Бобиш за тамошните медиуми.

Иновативност и во македонскиот образовен систем

Креативни наставници има и во Македонија. Пример е наставничката Георгина Димова која предава информатика во основно училиште во Неготино. За нејзините часови се вели дека се доста интерактивни и интересни, најмногу поради тоа што таа вирутелно ги поврзува учениците со многу светски познати личности.

Димова на час на своите ученици им го донела Бил Гејтс, но и уште неколку големи имиња од светот на технологијата.

„Во периодот од март до јуни со учениците од информатичката секција се вклучувавме на он лајн часови за програмирање. Настаните ги организираше code.org (коде.орг). Со регистрирањето, наставникот добива линк со кој се вклучува на часовите во живо. На часовите секогаш имаше по некоја интересна личност со која учениците можеа да се запознаат како на пример Бил Гејтс, актерката Јара Шахиди и креаторот на Google sheets (Гугл шитс), Фази Хосрошахи. Учениците уживаа во овие средби, секако многу прашања имаа за Бил Гејтс“, вели Димова.

Покрај неа, кај нас постојат и други наставници од основно и средно училиште кои, иако се свесни за сложеноста на онлајн наставата, сепак веруваат дека во соработка со самите ученици на крај ќе успеат да ја постигнат клучната цел и оваа година да биде што е можно подобра и во ова поле.

Наставничката по македонски јазик, Билјана Стојановска Дивјаковска од основното училиште „Круме Кепески“ во Скопје, нѝ откри на кој начин ќе се одвива он лајн наставата, со цел часовите да бидат што е можно поефикасни и што подобро да им се задржи вниманието на децата.

– Разликата од онлајн наставата од претходната училишна година е тоа што сега се планира директна видео поддршка преку платформата Мајкрософт Тимс, што можам да кажам дека е голем пулс во наставата, бидејќи се овозможува директен контакт со самите ученици. Ни беше претставена и една нова платформа Нудл која е слична на Класрум, но е поедноставна за работа и е прилагодена и за наставниците и за учениците и мислам дека ќе имаме одличен резултат како што имавме и на крајот на минатата учебна година – вели Дивјаковска.

За тоа како ќе изгледаат часовите, таа вели дека се останува на самите наставници, но уверена е дека добрите резултати нема да изостанат.

– Ние како наставници сме тие кои се креативни и кои ја создаваме наставата и оние кои треба да се потрудат да го привлечеме вниманието на другата страна. Сметам дека тоа е најдобро да се направи преку претставување на презентации кои истовремено ќе бидат и со видео и аудио поддршка. Во самите презентации ќе вметнуваме линкови. Еве конкретно за предметот Македонски јазик, ако станува збор за тема драма, во тој случај ќе внесеме кус извадок од некоја драмска изведба, што нормално кога би било физичка настава учениците би можеле тоа да го изведат преку драматизација. Интерактивната настава, исто така, со сигурност ќе даде добри резултати – додава Дивјаковска.

Елвира Мустафа, професор по филозофија и етика во средното училиште „Никола Карев“ во Скопје, вели дека во време на пандемија со децата мора да се постапи доста внимателно, прво да се погледне нивната психолошка состојба, со помош на психолог, па дури потоа наставниците да почнат да им го предаваат наставниот материјал.

– За мене во време на пандемија најважна е психофизичката состојба на децата. Јас првиот он лајн час го направив со психолог од првата детска амбасада „Меѓаши“ кој присуствуваше на часот. Всушност тоа беше чисто разговор со децата, како ја прифаќаат состојбата и како се чувствуваат во моментот, кои алатки би ги искористиле за да ја подобриме наставата. Во тој момент не беше најважно еден ученик да напише домашна, најважно беше како тој се чувствува и ја прифаќа оваа ситуација – вели Мустафа.

Елвира нѝ даде неколку решенија за подобра онлајн настава, кои вклучуваат повеќе презентации и помалку домашни задачи за децата, но она што го истакна како најважно е фокусот на самите деца, како тие како психолошки битија подобро да ја прифатат и пребродат оваа ситуација.

– Јас не сум само професор, јас сум и активист и навистина ги сакам своите ученици. За мојот час по етика самите ученици ќе одлучуваат како ќе изгледа. Лекциите по Етика во втора и трета година се исти меѓу себе, но поради тоа ние како наставници и ученици додаваме и други работи од себе со цел дополнително да се едуцираат учениците. Го учиме тоа што мора да се учи, но им давам и дополнителни информации и задачи на децата. Преку помалку давање на домашни задачи, дополнителни презентации, фокусирање на детето како личност и повеќе емпатија во односнот наставник-ученик, да немна психички притисок од наставникот кон детето, да бидеме пофлексибилни и да сфатиме дека оваа година веќе ја немаме.  Најдобро ќе беше да организирвме повеќе работилници на отворено, повеќе дружење и повеќе социјализација со маски и дистанци – додава Мустафа.

Настава со физичко присуство за учениците до трето одделение

Учениците до трето одделение учебната година ќе ја почнат со физичко присуство. Родителите на третоодделенците имаат избор и своите деца да ги остават дома и тие да следат настава на далечина. Според досегашните информации, речиси во сите училишта, поголем дел од родителите одлучиле да ги пуштат своите деца да следат насатава со физичко присуство.

Министерството за образование и наука со поддршка на УНИЦЕФ и УСАИД изработи видео во кое се прикажани протоколите кон кои ќе треба да се придржуваат учениците, наставниците и родителите со враќањето на децата во училниците од први октомври годинава.

Видеото е веќе достапно на официјалните Фејсбук профили на МОН, на министерката за образование и наука Мила Царовска и на Фејсбук профилите на УНИЦЕФ и УСАИД.

Според протоколите, на секое дете ќе му се мери температура при влез во училиштето, а децата ќе треба да држат растојание од најмалку 1,5 метар и да носат маски на лицето за време на целиот престој во училиштето, освен за време на оброкот и активностите на отворено. Предвидено е и почесто миење на рацете и проветрување на училниците.

Како ќе изгледа враќањето на училиште?

Како ќе изгледа враќањето на училиште? #БезбедниНаУчилиште

Publiée par Мила Царовска sur Samedi 19 septembre 2020

Како земјите кои беа најпогодени од коронавирусот, ја почнаа учебната година?

Кина и Италија беа први на удар од пандемијата со коронавирусот, по што училиштата мораа да се затворат. Токму овие земји први мораа да изнајдат и решенија за наставата што помалку да трпи, а остатокот од светот будно ја следеше ситуацијата и беше во исчекување за тоа какви мерки ќе преземат.

Училиштата во Кина почнаа да се отвораат постепено и со голема претпазливост од тамошните власти, кои  будно ја следеа актуелната состојба со вирусот од ден во ден.

Учениците одат на училиште само доколку немаат покачена телесна температура и нивниот електронски медицински картон вели дека се здрави. Сите вработени во училиштата и домовите веднаш се тестирани на коронавирус.

Здравствени работници земаат брисеви во основно училиште во Хандан, провинција Хебеи, Кина. Локалните власти ги тестираа сите студенти и наставници за ковид-19 пред почетокот на новиот семестар./ Фото: EPA-EFE/HAO QY CHINA OUT

– Нашето училиште презема детални мерки, ги поделивме учениците во помали групи. На пример, во спалните соби се сместени по четири ученици. Применивме строги планови за да спречиме ширење на вирусот. Мензата е затворена, но за децата храната посебно се пакува и се испраќа во училниците. Помеѓу секој ученик по една клупа останува празна. Во ходникот од интернатите поставен е иnфрацрвен топломер – вели Ши Јанмеи, директорка на средно училиште во Гуијанг, споделувајќи го искуството по отворањето на ова училиште.

И другите училишта ширум Кина преземаа слични мерки, па така, на пример, за учениците кои не се сместени во домови и интернати, потребно е на училиште да доаѓаат пешки по вообичаените рути, родителите можат со свое превозно средство да ги носат децата во училишта, а за оние чии родители немаат автомобили локалната влада обезбеди посебен јавен превоз, со цел учениците да доаѓаат и да си заминуваат од училиште навреме.

Сепак, и покрај строгите мерки кои даваат резултати во Кина, голем број на ученици и натаму следат настава на далечина од своите домови.

По шестмесечната пауза поради коронакризата, поголемиот дел од училиштата во Италија на 14 септември започнаа со работа, па така над пет милиони ученици се вратија на настава, додека во уште шест региони се очекува училниците да се отворат на 24 септември.

Прв училишен ден во средното училиште „Масимо Д’Азелјо“ во Торино, Северна Италија/ Фото: EPA-EFE/ALESSANDRO DI MARCO

За разлика од Кина, во училиштата во Италија нема да им се мери температура на учениците, задолжени за тоа да го прават се родителите, а во училиштата ќе постојат и ковид референти кои ќе имаат задача да ги препознаат симптомите на коронавирусот кај децата.

Наставата ќе се следи комбинирано, он лајн и со физичко присуство, а доколку еден ученик е позитивен, во карантин влегуваат сите оние кои биле во контакт со него во последните 48 часа.

Директорите на секое училиште посебно одлучуваат за тоа како ќе ги поделат одделенијата и какви ќе бидат школските клупи. Секако, дистанцата од 1,5 до 2 метри е задолжителна помеѓу клупите и катедрата, а редовно ќе се дезинфицираат сите училници и други заеднички простории во училиштата.

Како изгледаше наставата во време на пандемијата во 1918 година?

Ова не е првпат властите во сите држави ширум светот да имаат дилема дали училиштата да бидат отворени во време на пандемија, како и тоа кој модел на настава да се примени, а притоа да не дојде до голем број на заразени деца.

За време на последната пандемија со шпанскиот грип во 1918 година, кога светот бил сосема поинаков од денеска, дискусијата за училиштата била подеднакво бурна како и сега, сведочат историчарите.

Шпанскиот грип усмрти околу пет милиони луѓе ширум светот, вклучувајќи 675.000 Американци, пред пандемијата да заврши.

Искуството со образовниот систем во САД од 1918 година покажува дека и покрај силните расправии, повеќето градови одлучиле нивните училишта да се затворат, но во Њујорк, Чикаго и Њу Хејвен, училиштата сепак останале отворени.

Одлуките на здравствените работници во овие градови воглавно се базирале на хипотезата на службениците од јавното здравје дека учениците се најбезбедни во училиштата.

Дон Хувер и Џо Систрунк од Старк, Флорида, се подготвени за училиште за време на епидемијата на грип во 1918 година.

Интересно е тоа што во тој период е ставен голем акцент на хигиената во училиштата, меѓутоа отворените училишта не можеле да функционираат без неколку медицински сестри по ученик, многу повеќе од она што е денеска случај.

Учениците во САД не смееле да се собираат надвор од училиштата и морале редовно да му бидат достапни на класниот раководител.

Наставниците редовно проверувале дали учениците имаат симптоми на грип. Оние ученици кај кои би се појавиле симптоми веднаш биле изолирани. Ако кај некој ученик се регистрира покачена температура, тогаш задолжено лице го носи детето дома, а здравствено лице проценува дали условите во станот каде живее се погодни за изолација и нега.

Според документ од 1918 година од Министерството за здравство во Чикаго, дел од стратегијата всушност била да се обезбеди циркулација на свеж воздух во училиштата, посебно за оние ученици кои живеат по неколку луѓе во стан и немаат услови за редовно проветрување на домот.

Ставот на тогашните власти во споменатите делови од САД бил дека е подобро учениците да бидат под постојан надзор на квалификувани лица, отколку да се затворат училиштата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот