Наскоро ќе почне со работа прифатилиштето за бездомните кучиња во Битола

Фото: Слободен печат

По имплементирањето на законските процедури, Битола е на чекор до добивање на дозвола за работа на прифатилиштето за бездомните животни, која ќе овозможи негово отпочнување со работа во наредните месеци.

Ова на денешната прес-конференција го најави Горан Степановски в.д. директор на јавното претпријатие „Комуналец“.

-Документите за прифатилиштето се во финална фаза и откако Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изврши увид, за кус период очекуваме да се добие лиценцата за работа на прифатилиштето и тоа да биде отворено. За него е изработен техничко-технолошки елаборат, во кој е даден целосниот опис на прифатилиштето, начинот на заловување на животните, приемот, прегледот и постапките со животните. Кога бездомните животни ќе се примат во прифатилиштето, тие ќе бидат регистрирани, ќе се фотографираат за состојбата и потоа ќе подлежат на тест за ресоцијализација, а подоцна кога тестот ќе биде успешен, се враќаат повторно на истото место каде што се заловени, поточно од локацијата од каде што се заловени и подоцна таму се враќаат-рече Степановски.

Фото: Слободен печат

Во завршна фаза била и систематизација на работните места во ЈП „Комуналец“, која е дадена на мислење, а подготвената документација ќе биде испратена до Агенцијата за храна и ветеринарство.

-Успеавме во кус временски период да го адаптираме и опремиме просторот во кој ќе се третираат заловените улични животни. Исто така ќе има евиденција каде кучињата ќе бидат вратени на терен. Целата постапка ќе биде уредена согласно документите со кои ќе биде издадена лиценцата за работа на прифатилиштето за бездомни животни. Во процесот, неопходна е соработката со невладиниот сектор и здруженијата чија дејност е заштита на животните. Ги отвораме вратите за соработка со нив, со можности за нивно волонтирање и вработување и квалитетно и соодветно третирање на бездомните животни-додаде првиот човек на ЈП „Комуналец“ Горан Степановски.

Според планот на претпријатието, во наредните три години, треба да се намали бројот на кучиња скитници во Битола со системски пристап во нивното третирање.

-Но, граѓаните треба да знаат дека согласно законските прописи, не може да очекуваат трајно решение, со коешто веднаш со отворањето на прифатилиштето, сите животни ќе бидат отстранети од улица и дека таму ќе се одгледуваат. Затоа, како јавно претпријатие, апелираме дека одговорноста за животните мора да биде заедничка. Наша за бездомните животни, но, на граѓаните за нивните домашни миленичиња-вели Степановски.

Тој на денешната прес-конференција уште и додаде дека на одредени локации во Битола, каде што претходно воопшто немало бездомни животни сега ги има во голем број.

Во јавноста се зборува дека од некаде ги носат, но за тоа како што рече в.д. директорот на битолски „Комуналец“ Степановски, не постојат никакви докази.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот