Нашиот највпечатлив парадокс
Замислете ја денешна Македонија со плус половина милион луѓе кои се грабаат за работни места сред ваква криза и пред ваква зима
Зависно од тоа кое истражување го консултиратe, од Македонија во последните 15-20 години се иселиле меѓу 400 и 700 илјади луѓе. Ништо чудно, ќе речат оптимистите – ова е печалбарска земја и иселувањето е долга традиција. Ама, сега ништо не е како порано.
Препорачано
Дедо ми Вангел (тетовски: Ванѓеу) немал интернет да се јавува секој ден и не доаѓал дома за секој празник кога бил фурнаџија-гурбетчија во Белград пред скоро 100 години. Татко ми, кога студирал таму во ’60-тите, се јавувал по телефон, што било ретка привилегија (имало една линија за цело маало). Моите во ’70-тите и ’80-тите двапати биле во Либија сосе трите деца, но секогаш знаеле дека ќе се вратат дома. Брат ми, отселен во Америка пред 25 и повеќе години, никогаш не помислил да се врати. Уште помалку тоа го помислува денешниот студент или млад лекар, кој пет години учел германски за да „летне“ штом ќе дипломира или специјализира.
Сите истражувања потврдуваат дека во последната деценија сѐ повеќе се отселуваат образовани млади (и не толку млади) луѓе кои се потрудиле да научат или усовршат конкретни, сериозни вештини и професии и да зборуваат повеќе јазици. Ги мотивирала токму можноста да живеат некаде каде што нивното образование и нивниот труд многу повеќе се цени и се плаќа отколку дома. Важна е и природата на денешниот свет, за сегашните активни генерации прилично отворен, во кој, како можеби никогаш досега, богатите и моќните бараат умни и способни.
Ние што останавме сме сѐ понеизлечиво безнадежни и сѐ помалку имаме верба дека ова е држава и систем. Недозволиво голем дел од нас се во длабока сиромаштија, и покрај тоа што работа има за речиси сите. Уште поголем дел живуркаат на работ на сиромаштијата, не секогаш моќни да избегнат да западнат во неа. Скоро и да нема бизнис што не се мачи да најде работници, какви било работници. Некои газди веќе се доволно очајни и доволно безобразни да вработуваат, односно експлоатираат деца – само 15-годишници им се нафаќаат да работат за тие пари.
Ако на овие наши хронични болки се додаде и актуелната, акутна и реална безбедносна закана за Европа, Балканот и светот, добиваме опасен, отровен коктел од околности и процеси каков што одамна не сме биле принудени да голтнеме. Тој има потенцијал сериозно да го отруе и оштети, па дури и неповратно да го скрши ова наше трауматизирано, веќе болно општество на поделени и раскарани, сѐ подиви и помрачни луѓе чии деца во петок навечер одат да гледаат во живо групни тепачки договорени на „ТикТок“.
Не можеме да им замеруваме на оние што решиле и решаваат да „летнат“. За тоа што повеќето од нас денес имаат работа, а платите полека, како некој сом предолго задреман во калта, се помрднаа од мртвата точка на која стагнираа со години, треба да сме им благодарни на нашите браќа и сестри, синови и ќерки, братучеди и внуци, кои навреме избегаа. Ако имате некого во Америка или Канада, за некоја недела е Денот на благодарноста, па ете добра можност (кај нас ќе биде обична сабота, тој западен празник не го сакаме зашто нема преправање и треба да кажеш фала).
Ова е можеби највпечатливиот парадокс што го живееме: одливот на младост и умови, егзодусот на работна сила што ни се случува, кој денес стигна да ја јаде и уништува нашата непосредна иднина, сиве овие години во исто време ја прави можна и поднослива нашата сегашност, нашиот непосреден опстанок. Замислете ја денешна Македонија со плус половина милион луѓе кои се грабаат за работни места сред ваква криза и пред ваква зима.
Но, и така проретчени и вработени, ретко кому ќе биде лесно и ретко кој е на сигурно. Едвај пркнатите плати веќе ги преполовува инфлацијата. Секоја трета фирма е пред колапс, а може да страдаат и големи компании, што вработуваат многу луѓе. Властите, и покрај зголемените приливи во буџетот од општите поскапувања, се растрчани по кредити и во исчекување на „позитивни вести“ за одобрени заеми од банки и фондови од Франкфурт до Абу Даби. Велат дека парите што ги позајмуваат ќе им ги дадат на граѓаните и фирмите, за полесно да ја пребродат кризата. Нѐ убедуваат да штедиме, а во исто време се спремаат да пратат илјадници административци дома (за да трошат повеќе струја што сами ќе си ја плаќаат) и кризата да им падне потешко.
Ќе речев „од шупливо во празно“, ама пак ќе биде пошупливо и попразно за обичниот човек – силните кредити за преживување „под поволни услови“ пак ќе ги враќаме ние (и нашите деца), долго откако позајмувачите ќе ги изеде некоја политичка „помрачина“ или заборав. Ако и ние некаде не избегаме, ќе ни остане само да се тешиме со традиционалната македонска кризна мантра: „Има и полошо“.


