Населението во Северна Македонија старее, алармантна е разликата меѓу новородени и починати

семејство бебе новороденче пар
Фото: EPA-EFE / Ѓорѓи Личовски

Стапката на смртност во Северна Македонија е катастрофално висока, оценува во разговор за „Слободен печат“ демографскиот аналитичар и поранешен директор на Државниот завод за статистика, Дончо Герасимовски. Причините, како што наведува тој, се должат делумно на пандемијата, но не целосно.

– Да ги земеме бројките од 2019, 2020 и 2021 година. Што се случува во овој период? Во 2019 година, за првпат влеговме во негативен природен прираст на населението, што значи дека бројот на починатите, беше повисок од бројот на живородените лица. Во 2019 година, таа разлика меѓу живородените и починатите беше 601 лице. Во 2020 година, таа разлика се зголеми на 6.724 лица, што значи дека разликата меѓу починатите и родените беше 6724.
Дополнително во 2021 година, според анализите што ги имам направено за 9 месеци од официјални податоци, бројот на починати лица е 21.633. Само за 9 месеци. Ако пресметуваме колку луѓе месечно починале, тоа е сериозна појава. Исто и во 2022 година имаме тренд на висока стапка на смртност, вели Герасимовски во изјава за „Слободен печат“.

Инфографик/Слободен печат/Елисавета Бејкова

Тој причините за високата смртност ги лоцира во нискиот наталитет кој придонесува да има поголема стапка на смртност, бидејќи кога населението старее, се намалува наталитетот. На сето тоа влијае и иселувањето на младото население кое пак ја намалува стапката на живородени деца. И како трета причина се појавува и пандемијата со ковид -19, која доведува до повисок број на починати.

– Веќе е дојдено до состојба кога во државата имаме старечко население. Во 2021 година, бројот на починатите за 9 месеци бил 21.633. Во региони стапката на морталитет е поголема од претходните периоди, а најголема по региони е во скопскиот, полошкиот, пелагонискиот и југозападниот регион. Во сите општини има зголемена стапка на смртност на населението во последните три години. Тоа доведува да се намали и вкупниот број на населението во државата. Оваа појава е присутна и на Балканот, во Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина. Но кај нас, трендот на смртност е драстичен и катастрофален. Демографската состојба е загрижувачка и државата мора да преземе активни популациони политики. Во поголем дел од земјите на Балканот има демографска стратегија за зголемување на наталитетот, подобри услови за живот и тоа доведува до спас на населението. Кај нас, има региони и општини односно селски подрачја каде бројот на населението опаѓа од година во година дури и за 70 отсто. Македонското село одумира и бројот на населението таму се намалува за 70 проценти. Во многу од населените места, живеат претежно луѓе над 70 години и со децении нема заплакано бебе, додава Герасимовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот