Полициска контрола во Брисел - Фотографија ЕПА, Жозе Коелјо

Наркопресметки до прагот на Брисел

Нелегалната трговија цвета, наспроти полициските интервенции. Бриселското обвинителство речиси секој ден објавува информации за нови апсења и запленето количество дрога

Оружените пресметки помеѓу банди и секојдневните полициски апсења и заплени на кокаин и крак стигнаа до срцето на Брисел, главниот град на Белгија и на Европската Унија.

– Се биеме со мафијашка организација – изјави Жан Спинет, градоначалник на општината Сен-Жил, каде што пресметките помеѓу бандите во средата кулминираа со убиство на еден маж.

Престрелка имало и претходниот ден, кога на неработен ден за училиштата по парковите и улиците имало многу деца.

Врската на Белгија со глобалната мрежа на наркотици е пристаништето Антверпен, кое е влезна порта за латиноамериканските кокаински картели. Нелегалната трговија цвета, наспроти полициските интервенции. Бриселското обвинителство речиси секој ден објавува информации за нови апсења и запленето количество дрога.

Во изминатата година пропорционално зачестила и продажбата на кокаин и крак низ бриселските улички, што ја зголемило нетрпеливоста помеѓу реонските банди за контрола на териториите. Во инциденти поврзани со дрога лани во Брисел биле убиени седум луѓе и 131 бил ранет. Федералната полиција издвоила една четвртина од своите капацитети за да одговори на случаите поврзани со наркобанди. Спинет повикува на засилување на меѓународната соработка заради борба против криминалните банди. Тој истакнува дека во Брисел е најсилно влијанието на криминалните групи од Албанија и од Марсеј.

– Убеден сум дека полицијата и правосудниот систем може да бидат успешни против овој проблем – изјави министерот за правда Пол ван Тигхелт.

Лани во Брисел бил уапсен наркобарон од Марсеј, по кој биле објавени две меѓународни потерници.

– Не зборуваме за мали реонски дилери ни за мали зделки. Проблемот треба да се решава кон главата, со демонтирање на мрежите и со побрзо гонење на криминалците за да се избегне чувството на неказнивост – вели градоначалникот на Сен-Жил.

Наспроти улиците со бутици, барови и ресторани, низ оваа општина има и многу сиромашни квартови. Локацијата близу до центарот на Брисел е згодна за дилерите. Жителите се жалат, се плашат и се лутат, бидејќи само неколку часа по престрелките дилерите се враќаат на своите позиции.

– Луѓето имаат впечаток дека не се прави ништо. Дилерите се враќаат за минута. Како за нив да нема казни, како да се сигурни од било што, како да ја провоцираат полицијата – вели Спинет.

Мажот во средата бил убиен на плоштад озлогласен како собиралиште на дилери и на зависници. Откако белгиските власти лани со низа операции го исчистија просторот околу железничката станица Миди, нелегалната трговија се префрлила во зоната Порт де Хал.

– Сѐ тргна наопаку за четири-пет месеци. Пред некој ден, тип се шприцаше покрај мојот дуќан. Друг влезе со крваво лице. На многумина им ги скршија излозите. Ова не се трпи – изјавил за Асошиетед прес сопственик на продавница во Сен-Жил.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот