„Направивме г*мнарија, убивме човек“ – Фетаи побара казна доживотен затвор за обвинетите од „Монструм“

Фатиме Фетаи / Скопје, септември 2020 / Фото: Драган Митрески - Слободен печат.

Обвинителката Фатиме Фетаи за обвинетите во „Монструм“ Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ рече дека по извршувањето на убиствата побегнале од местото на петкратното убиство кај Смилковско езеро, користејќи ја „опел омегата“ и се упатиле на договореното место каде ги чекал обвинетиот Хаки Азири.

Тој знаел дека тројцата обвинети отишле да извршат некаква работа поради нерасчистени сметки, а потоа откако дознал што се случило, не кажал ништо. Фејзи Азири, пак, потоа помогнал во бегството.

– На Хаки Азири му било кажано само дека имаат некои нерасчистени сметки и добил напатствија каде да ги чека додека да ја завршат работат, а му кажале дека додека ги чека мобилниот телефон треба да му биде исклучен. Околу 18:30 го однел по Агим Исмаиловиќ кај станицата за последна 9 во Топанско поле, каде била паркирана “опел омегата” во која влегол обвинетиот Агим Исмаиловиќ, а Хаки отишол да ги чека на договореното место и околу 20 часот пристигнала опел омегата, обвинетите се качиле во возилото на Хаки, а при влегување на прашање на Хаки “што бидна” Африм рекол „направивме гомнарија, убивме човек“.

Иако дознал дека сториле убиство ги превезол во домот од каде излегле од возилото, па од дознавање до заминување, ги криел и ги оддалечил од местото на настанот. Фејзи Азири, пак, иако знаел дека сториле убиства на повеќе лица со кои било создадено чувство на страв кај населението, организирал бегство на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ од Република Македонија во Косово, рече обвинителката.

Меѓудругото, Фетаи во својот завршен збор рече:

– Да се разбереме, овој чин не заслужува ништо помалку од доживотен затвор. За петкратното убиство на 12 април 2012 година, обвинети се Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Африм Исмаиловиќ, Алил Демири, Хаки Азири и Сами Љута. Африм Исмаиловиќ и Алил Демири се во бегство во Косово и досега не се екстрадирани.

Во претходното судење петмината беа осудени на доживотен затвор, но Врховниот суд во декември 2017 година ја укина пресудата, а случајот „Монструм“ потоа го презеде СЈО и судењето почна од почеток. Кај Смилковското Езеро настрадаа четирите момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски и Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

„За нога допрев едно од момчињата. Немаше пулс“ – потресно сведочење на полицаец за масакрот кај Смилковско езеро

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот